Кордалов: Политичарите итно со консензус да ги намалат платите, во спротивно опасно ќе се одалечат од граѓаните

Бојан Кордалов - комуниколог / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека политичарите треба итно да најдат начин да си ги намалат платите, а во спротивно опасно се одалечуваат од граѓаните и ја губат довербата.

– За да не се доведат во ситуација функционерите да даваат настапуваат со тези  дека таква била одлуката на Судот во која тие не се мешаат или пак да настапуваат со коментари дека не ја прифаќаат одлуката и ќе ја донираат разликата, треба да најдат начин веднаш со консензус да донесат законска измена со која ќе го укинат ова покачување што предизвикаа голема реакција. Веднаш системски да се најде решение, а не да се игра сега „популизам на мали голчиња“. Затоа што платите на функционерите се последните кои треба да пораснат во време на економска криза, која ги погодува луѓето со ниски примања, а статистиката вели дека тоа е мнозинството од населението – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Тој додава дека овој пример покажува колку е клучна комуникацијата и функционерите сега мора итно да искомуницираат со јавноста, оти едно е да се почитува судска одлука, а друго е да се почитуваат граѓаните.

– Голема опасност за политичартите е граѓаните да ги почуствуваат како далечни, отуѓени, како одвоени од нив. Може целосно да се изгуби довербата. Затоа не проаѓа тезата дека ним не им е дојдедно до покачување на платите, дека ќе донираат итн. Треба да се сложат, со консензус да донесат законска измена и да го спречат најавеното зголемување, кое е недостоинствено. Итно. Ако се одлговлекува прашањето, ќе се создаде голема тема, ќе се урне довербата. А вредност не се гради така – вели Кордалов.

Уставниот суд вчера укина членови до Законот за платите на функционерите, со што се создадоа услови платите на претседателот, премиерот, министрите, пратениците, градоначалниците, судиите и на други избрани и именувани функционери да им се покачат во просек за фантастични 78 отсто! Досега како основица за платата на функционерите се земаше фиксна сума од 26.775 денари, која се множеше со коефициент, па се додаваа и другите додатоци, а со укинатите одредби наместо фиксна, како основица ќе се зема просечната плата од претходната година која лани изнесуваше околу 32.000 денари. Тоа значи дека функционер што има коефициент на плата 3 досега земал 80.000 денари, а отсега месечно ќе добива најмалку 96.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот