Во Баку беше договорено идниот самит КОП30 да се одржи во Бразил - Фотографија ЕПА, КОП29

КОП29: Богатите ќе им дадат 300 милијарди на сиромашните за да се подготват за климатските промени

Самитот беше на работ на неуспех, поради спротивставените позиции на блокот на богатите и блокот на сиромашните земји, но по дури 33-часовно продолжение, резултатот е опишан како историски

Побогатите земји се обврзаа да им дадат вкупно 300 милијарди долари на посиромашните земји во развој, за да можат да се подготват подобро за да ги надминат последиците од климатските промени и да го намалат сопственото загадување на природата.

Ова е „историскиот“ заклучок на климатскиот самит на Обединетите нации КОП29 што во изминатите три недели се одржа во Баку во Азербејџан.

Самитот беше на работ на неуспех, поради спротивставените позиции на блокот на богатите и блокот на сиромашните земји, но по дури 33-часовно продолжение, резултатот е опишан како историски.

– Патувањето беше тешко, но испорачавме договор – коментираше Сајмон Стеил, шефот на климатското тело на Обединетите нации.

Во Баку, сепак, не беше надграден договорот усвоен лани, со кој нациите беа повикани фазно да се откажат од фосилните горива. Тоа е загрижувачки, бидејќи мерни резултати покажаа дека веќе годинава е за 1,5 Целзиусов степен потопла во споредба со просечната глобална температура пред Индустриската револуција, што значи дека веќе е надминато нивото на загревање што со Климатскиот договор од Париз беше поставено како гранично до половината на овој век.

Десет земји, вклучувајќи ги и богатите Швајцарија, Канада и Австралија, до последен час протестираа, тврдејќи дека е „слабо“ барањето за намалување на глобалното користење на фосилните горива. Проблемот беше надминат со одлуката за ова прашање да се дебатира до следниот самит в година.

Главната тема на овој самит беше камо богатите да им помогнат на посиромашните, кои немаат доволно средства за транзиција на индустријата и за соочување со екстремните временски услови, а од друга страна се и најранливи од последиците на климатските промени. Малите земји, исто така, најмалку учествувале во емисиите на гасови што предизвикуваат глобално затоплување.

– Не претерувам кога велам дека нашите острови тонат! Како очекувате да се вратиме назад кај нашите жени, мажи и деца со слаб договор? – изјави Сердик Шустер, претседавач на Алијансата на мали островски земји.

Ветените 300 милијарди долари би требало да се соберат од владини грантови, со поддршка од приватниот сектор, пред сѐ од банки и корпорации. Поголемиот дел од парите ќе бидат насочени кон помош за сиромашните земји да се откажат од користење фосилни горива. Овие земји велат дека немаат причина за голем оптимизам, зашто досега имале пристап до едвај 40 отсто од сите фондови што им биле ветени на претходнте самити.

Во Баку било договорено и тројно да се зголеми оваа сума до 2035 година, на околу 1.300 милијарди долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот