Контраспин: (Нај)новото мислење на Мицкоски за Ванчо Михајлов е со доза на спин

Теофил Блажевски

Кристализирањето на ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски околу разликите помеѓу бугарските клубови во Охрид и во Битола е потпомогнато со спин, бидејќи и двата лика се поврзани секој на свој начин со нацистичките режими од Втората светска војна и секако гледајќи од „денешницата“, клубови со такви имиња еднакво прават штета на добрососедските односи и не придонесуваат кон македонското национално единство, запишано и во името на партијата на Мицкоски.

Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 околу тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ бара затворање само на бугарскиот клуб во Охрид, а не и тој во Битола, даде изјава во која се наѕира спин: „Овој (Ванчо Михајлов) бил предводник на организација во еден историски период, овој (Цар Борис Трети) бил прв човек на една држава што соработувала со нацистите за време на Втора светска војна и наредила да бидат испратени повеќе од 7.200 во тоа време македонски граѓани со еврејско потекло во концентрациониот логор Треблинка. Има разлика од едниот до другиот… Ние може да зборуваме за многу контроверзии поврзани за Иван Михаилов, или Ванчо Михајлов како вие што го кажувате, и можеме да зборуваме и за неговата биографија, којашто е да, контроверзна, и за која лично јас не се сложувам со начинот на кој тој делувал во определен период кога тој делувал… Но, мислам дека треба да се задржиме на денешницата, а денешницата е дека имаме клуб што провоцира, не обединува, кој носи име на човек што во македонската историја нема добра улога, а тоа е царот Борис Трети, кој бил соработник на нацистите во Втората светска војна и кој од Македонија испратил повеќе од 7.200 Евреи во концентрациони логори и владата треба да го затвори тој клуб“.

Контраспин: Христијан Мицкоски јасно прави дистинкција помеѓу двата клуба, оној во Битола отворен во април и оној во Охрид отворен во октомври, при што вели дека имало разлика, бидејќи Иван Михајлов или Ванчо Михајлов, бил лидер на организација, а Цар Борис Трети бил шеф на држава. И дека царот раководел со држава што со акт ги депортирала Евреите од Македонија, а Михајлов бил само контроверзна личност, со чија политика и Мицкоски не се согласувал. Ова е спин бидејќи, прво, многу се лабави аргументите околу причините зошто тогаш Михајлов е неспорен во континуитетот на партијата, која во своето име вели дека е партија за македонско национално единство. Но, уште поважно, зашто само до пред неколку месеци за Мицкоски и партијата, отворањето на клубот со такво име е или поточно била, „фашисоидна политика на Бугарија“.

Еве што искоментирал Мицкоски по отворањето на клубот на 18 април: „Гледам и дека потпретседателот на Бугарија (зборува за изјавите на Илијана Јотова дадени во Битола на отворањето на клубот, н.з.) продолжува со неевропските вредности и негирањето на македонското малцинство во Пиринска Македонија и тоа навистина нема никаква врска со европските вредности, кои овие политичари треба да ги промовираат. Напротив, нѐ враќаат во едни минати времиња, во времињата на бугарската фашистичка окупација за време на Втората светска војна овде во Македонија, на жртвите што македонскиот слободарски народ ги има дадено за да создаде своја демократска држава и да можеме ние денеска да го живееме ова што го живееме и да се ослободи од еден таков фашистички окупатор каков што бил бугарскиот за време на Втората светска војна. Јас по оваа провокација и овие изјави дадени овде во Македонија навистина немам што да додадам, освен со чудење да констатирам дека не знам кој е тој политичар или историчар што ќе седне на маса заедно со неговите колеги од кај нашиот источен сосед и да продолжи да преговара за постигнување договор барем до јуни. Ако ова е да си најдат некаков изговор зошто повторно да ја блокираат Македонија, тогаш се прилично успешни…“

Мицкоски ја повика меѓународната заедница и Брисел да стави крај на овие неевропски егзибиции од официјална Софија, бидејќи овде во Македонија, вели Мицкоски, нема кого повеќе да повикува, бидејќи станува збор за некредибилни политичари што освен криминал, корупција, срам и безидејност, друго не знаат што да прават: „Од овде од (општина – н.з.) Илинден, ја повикувам и Европската Унија и официјален Брисел да стави крај на овие фашисоидни и хегемониски намери од страна на нашиот источен сосед, да направи притисок и да овозможи Македонија конечно да ги почне преговорите. Овој народ тоа го заслужува, бидејќи многупати во историјата се покажал дека стои рамо до рамо со европските вредности“.
Иако коментарите на Мицкоски во изјавата формално се упатени на Јотова, сосема е јасно дека отворањето на клубот го поистоветува со таква политика од страна на Бугарија, оценувајќи, да повториме уште еднаш, дека станува збор за провокација во чија заднина се фашисоидни и хегемониски намери. Ова, всушност, се зборови што се искористени и за официјалниот став на партијата, побаран од „Фокус“ по повод отворањето на клубот во Битола.

И за пратеникот и еден од раководството на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, клубот е понижување и провокација: „Тоа беше понижување и за Битола и за целата Македонија и провокација што не ги зближува ниту Македонија со Бугарија, ниту обратно, туку создава дополнителен раздор. Јас само би потенцирал дека ова што се случи во Битола како чин на дрска провокација кон македонскиот народ е последица на гласањето од декември 2018 година, кога 64 пратеници на СДСМ и нивната коалиција гласаа за бришење на одлуките на АСНОМ од Уставот на Република Македонија и кога вие гласате за бришење на одлуките на Антифашистичкото собрание од Уставот, тогаш ова се последиците“.

Сосема негативен став со оценка дека станува збор за соработник на нацизмот имала во тоа време и пратеничката Рашела Мизрахи. Еве што може да се најде на сајтот на Алфа ТВ во изјава за нивната информативна програма: „Отворањето на бугарскиот културен центар е провокација за Македонците и нема никаква допирна точка со она што значи Договор за добрососедство. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизарахи во изјава за Алфа вели дека центарот Ванчо Михајлов е уште една од низата бугарски провокации, кои стигнуваат на адреса на Македонија. Мизрахи, како и Еврејската заедница и Фондот на холокаустот, реагираат дека културниот центар можеше да го добие било кој назив, друго име, а тие се одлучија за Ванчо Михајлов, име на потврден фашист и близок соработник на Павелиќ, Мусолини и на Хитлер, што претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа“.

И градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, има став за клубот со такво име како провокација за добрососедските односи: „Добрососедските односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање, но никако со индиректни провокации и оживување на едно мрачно минато на кое потсетува името на бугарскиот културен клуб ‘Ванчо Михајлов’“.
Сосема е јасно дека во април за Мицкоски и партијата или поголемиот дел од нејзините членови и раководство, отворањето на клубот во Битола е провокација со намера да ги презентира „фашистичките и хегемонистичките политики“ на Бугарија кон Македонија и македонскиот народ. Оттука, ова кристализирање на ставот на Мицкоски за разликите помеѓу клубот во Охрид и Битола („Но, мислам дека треба да се задржиме на денешницата, а денешницата е дека имаме клуб што провоцира, не обединува, кој носи име на човек што во македонската историја нема добра улога, а тоа е царот Борис Трети, кој бил соработник на нацистите во Втората светска војна“), го сметаме за спин, зашто и за Михајлов може да се потврди дека бил соработник во дел од својот живот на нацистичките режими, а секако името на клубот во Охрид не е единствено што провоцира, туку и името на клубот во Битола.

Авторот е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот