Конституенца: Со вложување во образованието, здравството и социјалната грижа ќе има намалување на нееднаквоста

фото: Слободен печат/А. Мемети

Денеска во хотелот „Мериот“ се оддржа централниот дел од Состанокот на Холандско-белгиската конституенца.

На настанот огранизиран од Народната банка и Министерството за финансии присуствуваа голем број на министри за финансии, гувернери на централни банки, високи претставници на министерства за финансии и централните банки, високи претставници на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Во рамки на темата „Како до праведен систем за сите?“, на настанот се зборуваше за сѐ поголемата нееднаквост во доходот, факторите кои влијаат врз овој тренд, долгорочните и краткорочните последици врз економскиот раст, но и во повеќе други сегменти од општеството.

фото: Слободен печат/А. Мемети

Овој настан го отвори премиерот Зоран Заев, кој потенцираше дека Република Северна Македонија преку спроведување на економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години на дело покажува дека е посветена на градење праведно општество со еднакви можности и силна економија која ќе отвора шанси за сите. Тоа е патот по кој чекори нашата земја, патот на праведност и фер шанса за сите.

Успеавме да ја ставиме економијата на една забрзана трака на раст кој во својата суштина и структура денеска претставува праведен реален економски раст на БДП. Од минус 1,8 отсто во 2017, растот на БДП во првиот квартал од 2019 изнесува 4,1 процент. Ова е одлична база за уште повисоки стапки на БДП кои ги очекуваме во наредните квартали, рече Заев.

Осврнувајќи се на политиките за намалување на нееднаквоста, истакна дека не секогаш се популарни овие политики поради што и честопати биле изложени на критика на јавноста, додавајќи со силна верба во тоа што го прават за доброто на граѓаните, рече дека само храбрите чекори и политики можат да ги донесат очекуваните резултати.

Резултатите од сработеното се видливи и ние силно се гордееме со постигнатото. Ја спроведовме реформата за воведување праведен данок. Целта ни беше да постигнеме праведност во распределбата на доходот и националното богатство, тие пари повторно да се враќаат кај граѓаните преку директните социјални трансфери или преку подигнување на квалитетот на јавните услуги, нагласи премиерот Заев.

По него свои излагања имаа министерот за финасии, Драган Тевдовски и гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, чии институции се организатори на настанот. Потоа на присутните им се обратија и високите претставници на Светската банка и ММФ кои се извршни директори задолжени за Конституенцата, Кун Давидсе и Антони де Ланој.

Во текот на првиот дел од Состанокот, презентација оддржа потпретседателот на Групацијата на СБ, Сирил Милер.

Во салата може да се забележат и другите најавени високи претставници. Потпретседателот на Групацијата на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, потпретседателот за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) Георгина Бејкер. Од ММФ присуствуваа и директорите на одделите за Европа и за фискални работи, Пол Томсен и Витор Гашпар, како и истакнатиот професор на Чикашкиот универзитет, Луиџи Зингалез, кој беше главен говорник и учесник на една од панел-дискусиите.

По завршување на првиот дел од Состанок, изјави за медиумите дадоа министерот за финасии, Драган Тевдовски и гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, како и високите претставници на Светската банка и ММФ, Кун Давидсе и Антони де Ланој.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека изминатиот период со реформи во системот на јавни финансии и воспоствена фискална дисциплина се создал фискален простор за да се зголемат инвестициите во човечки капитал.

фото: Слободен печат

– Слабите инвестиции во човечкиот капитал порано, резултираа со низок индекс на истиот, односно ниска потенцијална продуктивност на граѓаните поради помали инвестиции во образование, здравство и социјална грижа. Затоа наша определба, за разлика од порано, е да се вложи повеќе внимание и финансии за инвестирање во човечкиот потенцијал. Покрај социјалната реформа, издвоивме повеќе средства и за активните мерки за вработување, за изградба на нови градинки, за што имаме поддршка и од ЕУ и Светска банка. Понатаму, постојано ги зголемуваме средствата за здравство и образование, вклучително и покачување на платите на лекарите и наставниците. Ова се најважните алки во синџирот, а слабите алки креираат слаби ученици и лошо здравство-рече Тевдовски.

Гувернерката на Народната банка Ангеловска-Бежоска, меѓу другото рече дека зголемувањето на доходовната нееднаквост, почнувајќи од 1980 година е глобален феномен речиси секаде, иако со различен интензитет во различни земји. Притоа, таа истакна дека во нашиот регион, учеството на најбогатите 10% во вкупниот доход е околу 29%, што е помалку во однос на Западна Европа.

фото: Слободен печат

-Особено е важно сите ние, како носители на економски политики, да го насочиме нашето внимание кон осмислување и спроведување реформи за посилен и поинклузивен економски раст, што, пак, би довело до поеднаква распределба на доходот во светски рамки. – истакна Ангеловска-Бежоска.

Таа изрази надеж дека во блиската иднина ќе бидеме сведоци на намалување на јазот во приходите и на намалување на нееднаквоста во општествата во земјите од Конституенцата, што ќе придонесе тие да бидат попрoсперитетни и поправедни. Но, и укажа дека за да се случи тоа, неопходна е решителност, посветеност и визија од носителите на политиките.

Реформските процеси во Република Северна Македонија добија пофалби и од високите претставници на Светска банка и ММФ кои се обратија на Состанокот.

фото: Слободен печат

– Владата има навистина амбициозна реформска агенда и навистина може да се забележат резултати, како на политчки план, бидејќи изгледите на земјата за влез во ЕУ и НАТО се подобрени, но и на економско ниво, бизнисот, деловното окружување, образованието. Сметам дека преминот од рамен данок кон прогресивен данок е позитивен чекор кон обезбедување еднаквост и ММФ на повеќе наврати тоа го препорачувал и пропагира и сметам дека секако е добар начин да се стигне до поголема еднаквост за која што зборрувавме – рече Антони де Ланој, извршен директор на ММФ за Конституенцата

фото: Слободен печат

– Преспанскиот договор немаше само политичко, туку и економско значење бидејќи создаде доверба и можности за реформи, а Владата навистина вложуваше и во човечкиот капитал и во приватните компании, но и во одржливоста. Само што ги слушнавме последните бројки на Светска банка кои покажаа позитивно економско сценарио и покрај глобалното забавување. Светска банка неодамна склучи повеќегодишна програма со Северна Македонија за да ги поддржи инвестициите во човечки капитал. Оваа програма ќе креира можности за приватниот сектор, за младите, за жените, но и за клучни прашања како загадувањето – рече Кун Дејвидсе извршен директор на Конституенцата за Светска банка.

Тридневниот состанок на Холандско-белгиската конституенца завршува утре со посета на Охрид.

[foogallery id=”40913″]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот