Конкурсот за членови на Советот на МРТВ е фарса!

Конкурсот што е во тек за избор на членови на Програмскиот совет на МРТВ личи на намера воопшто да не се изберат вистински луѓе, туку подобни кадри, што значи партиски, кои и натаму ќе го потпираат тоа скеле за политичка глазура и влијание во куќата.

Дали власта искрено сака да ја крене Македонската радио-телевизија на здрави нозе или игра аматерскa претстава со два-тројца паљачовци? Работата со МРТВ не е за смеење, туку одамна е за плачење и за срамење.

Тој аматеризам е веќе лесно препознатлив и за обичниот гледач, а не за стари исчукани „картали“, кои одамна не ги читаат вистинските редови, туку читаат помеѓу нив.

Така, конкурсот што е во тек за избор на членови на Програмскиот совет на МРТВ,  што го објави Собранието во Службен весник на 7 мај 2021 г., личи на намера воопшто да не успее конкурсот, или да не се изберат вистински луѓе, туку подобни кадри, што значи партиски, кои и натаму ќе го потпираат тоа скеле за политичка глазура и влијание во куќата, односно за месење на тестото што се вика граѓанин/гледач. Значи, намерата е МРТВ да остане куќа со најнизок рејтинг во однос на приватните телевизии, на кои секој има право да не им верува, бидејќи се приватни фирми и си го гледаат својот бизнис интерес и да си дуваат во сопствените едра, не водејќи сметка за општиот интерес.

Конкурсот слободно можеме да го наречеме двоен, двостепен или дволичен! Во првиот степен законодавецот ги обврзува конкурентиите да бараат некакво  „писмо за поддршка“ од новинарските здруженија или од „најмалку две граѓански организации кои се активни подолго од пет години во областа на унапредувањето на човековите права, медиумите и демократијата“, или од комори, или од здруженија од триста асоцијации кои не се конкретно наведени, па дури и документи за нивното основање, бла, бла, бла… На конкурентот, според правилата на конкурсот, би му требало можеби една година да ги бара и прашање е дали ќе добие такво писмо за поддршка, бидејќи такво писмо не може да добие секој конкурент!

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), не знам според кој правилник, издавало само едно такво писмо. Советот за етика издавал само на свои членови или на лица кои некогаш работеле во него… Значи, првата селекција ја прават тие организации, па потоа собрансиката комисија што ќе ги разгледуа и ќе одлучува според документиите што ќе ги достават конкурентиите до Собранието За потврда на веродостојноста на сите документи што треба  да ги поденсе конкурентот тие треба да бидат заверени на нотар, божем се работи за некоја оставинска постапка, а сето тоа има парична цена! На сите тие наведени организации законодавецот им дава дискреционо право да поддржат по еден конкурент – никаде не пишува според кои критериуми се издава тоа писмо за поддршка.

Да се вратиме на примeрoт на ЗНМ. ЗНМ вели дека веќе му е дадена поддршка на еден конкурент и дека може да издаде такво писмо за само еден конкурент! Кој е тој? Според која процедура и критериуми е избран за да му се даде поддршка, дали тоа е направено по другарска линија, по линија на симпатија или по принциопт нати го-дај ми го?

Дали и ЗНМ требаше да  објави свој конкурс и да постави услови? Не е јасно!

Во овој случај управниот одбор на ЗНМ одлучил во тишина, по месечина, без никој да види и да чуе. Со ваквиот начин на „работа“ ЗНМ е ставено во улога на соработник на власта. Исправно ќе беше, од ЗНМ да се бара некаква формална информација за тоа дека конкурентот е член и ништо повеќе, колку да се испочитува тоа новинарско Здружение дека, ете, има и тоа некаква улога и место под ова сонце, ама да му се дава дискреционо право да биде решавачка неговата препорака е коруптивно и неспоиво со транспарентноста и еднаквоста. Ова наведува на заклучокот дека преку овие наведени организации во Одлуката (објавена во Службениот весник на 7 мај) се прави првична слекција со цел навреме да се елиминираат конкурентите им да се даде можност на свои, веќе планирани кадри.

А крајниот заклучок е дека некој не сака Македонија да има голема сцена на која ќе се афирмираат сите квалитети и маани на сите граѓани, да ја држи ни жива ни мртва, да не произведува идентитетски квалитет во интерес на сите што го негираат тој идентитет. Кој знае, можеби е така договорено со некого, ништо кај нас не се знае, ниту пак може да се предвиди.

Првиот ваков конкурс, од пред повеќе од една година, едноставно се заташка со некакви образложенија на кои веќе никој и не се сеќава и ја остави куќата и натаму да пропаѓа – материјално, програмски и кадровски.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот