Конкурс за драмски текст како поттик за македонските драмски автори

Министерството за култура, во соработка со Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, распиша „Конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст“. Целта на конкурсот е афирмација на современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори.

Право на учество на конкурсот имаат сите автори, државјани на Република Северна Македонија, кои може да конкурираат со најмногу два драмски текста кои не биле објавени ниту претходно поставени на сцена. Приоритет ќе имаат текстовите кои поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови кои ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста – интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови што отвораат актуелни општествени прашања.

Разгледувањето и оценувањето на пријавените текстови ќе го врши посебна комисија од истакнати, стручни и компетентни лица именувана од Министерот за култура, на предлог од МТФ „Војдан Чернодрински“. Комисијата во согласност со приоритетите и квалитетот на текстот ќе направи избор на најмногу три македонски драмски текстови.

Пријавата со потребната документација треба да се достави до Министерството за култура по пошта (ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, 1000 Скопје) со датум на поштенскиот жиг, или лично во писарницата на Министерството за култура, секој работен ден до 15.30 часот. Конкурсот ќе трае до 15 март 2023 година, а драмските текстови пристигнати по наведениот рок нема да бидат разгледувани.

Министерството за култура на авторите на откупените македонски драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, ќе им додели авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари. Неизбраните драмски текстови ќе им бидат вратени на авторите. Воедно ќе се спроведе и соодветна постапка за објавување и поставување на откупените македонски драмски текстови, соопштија од Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот