Конфузните процедури и лошите службеници рај за дивоградбите

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ревизорите констатирале дека локалната самоуправа не носела стратешки документи во врска со постапување со дивоградби, во регистарот на поднесени барања за утврдување правен статус не биле наведувани локации, површина на објектите што се предмет на легализација и други важни податоци.

Недоволно уредената законска регулатива за спроведување на легализацијата, честите продолжувања на рокот на поднесување на барање и комплетирање на документацијата, недоволна кадровска екипираност, недоследна примена на законски предвидените услови и рокови за постапување, сложеноста на процесот на донесување на урбанистичко планска документација, носењето одлуки за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистичките планови и постапките за легализација, како и нецелосно почитување на законските одредби при спроведување на постапките за утврдување бесправно изградени објекти што се во надлежност на Министерството за транспорт и врски, влијаеле врз тоа како Општина Охрид досега се справуваше со проблемот со дивоградбите. Ова е заклучокот на Државниот завод за ревизија, кој го истражувал спроведувањето на Законот за легализација на дивоградбите во периодот од 2011 до 2020 година на подрачјето на Општина Охрид.

Објавувањето на ревизорскиот извештај доаѓа кусо откако УНЕСКО го објави нацрт-извештајот за статусот на природното и културното наследство на Охридскиот регион, во кој како еден од главните проблеми што го загрозуваат статусот на Охрид се токму дивоградбите. По ова уследи засилена акција на локалната самоуправа за отстранување на градбите на охридските плажи и на други објекти со статус на бесправно изградени објекти вон и во самото градско јадро на Охрид.

Во ревизорскиот извештај се истакнува дека изградбата на бесправно изградените објекти негативно се одразува на урбаниот развој и на зачувувањето на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, а дека начинот на кој тие се легализирале, честопати не се одвивал според целите на законот. Со извршената ревизија на усогласеност за начинот и постапките за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти за Општина Охрид, ревизорите констатирале дека локалната самоуправа не носела стратешки документи во врска со постапување со дивоградби, во регистарот на поднесени барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти не биле наведувани локации, површина на објектите што се предмет на легализација и други податоци што се важни за поефикасен увид во состојбата со дивоградбите, како податоци за вкупниот број барања и објекти за кои е започната постапка.

Ревизорскиот извештај исто така укажува дека не се почитувале роковите за носење урбанистичко-планска документација, а не биле прецизно дефинирани ниту надлежностите на локалната самоуправа и на надлежното министерство. Во Министерството за транспорт и врски нема пишана процедура со која се регулира процесот за легализација на бесправно изградените објекти, се наведува во ревизорскиот извештај за Охрид и воедно се најавува дека е во тек изработка на нови процеси усогласени со стандардот 9001:2015, во кои јасно се разграничени работите и активностите на комисиите, како и документацијата што треба да ја изготват.

Општина Охрид ниту имала целосни информации за висината на очекуваните приходи по основ на надоместокот за легализација, ниту соодветно ги користела средствата уплатени од надоместокот за легализација. При спроведувањето на барањата за постапување по бесправно изградени објекти, не биле почитувани законски предвидените рокови за донесување заклучок за прекин на постапка, урбанистичка согласност за утврдување правен статус на дивоградбата и слично.

Пред неколку денови, Државниот завод за ревизија објави ист таков извештај и за Општина Струга, каде што главно се спомнуваат слични забелешки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот