Конфузни сигнали

Ако се редат уште едно чудо такви конфузно „склепани“ сигнали што допираат до гласачкото тело – нека е и до само 10 проценти – зарем надлежните мислат дека тоа е така лесно надоместливо или дека дел од тие проценти не оди на контото на онаа и онаква опозиција, билдајќи ѝ го рејтингот?

Пред извесно време напишав дека луѓето, или барем поголемиот дел од нив, во принцип ѝ веруваат на власта. Особено на оваа власт. Така веројатно и треба да биде, особено во вакви времиња, инаку на што би личела државава? (Иако, за волја на вистината, му веруваат и на она злосторничконо здружение, безмалку сите до еден!). А и не можете да очекувате баш секој критички да го опсервира секој нивен потег, плус нејзините секојдневни мерки и соопштенија апропо пандемијава, па економските „пакети“, па однесувањето на нејзините највисоки претставници (кое најчесто не е во согласност со прокламираното) итн. Луѓето си имаат и цел куп други грижи.

Ама сега изгледа дека особено им лекна зашто со олабавувањето на стегите, плус  срамежливото продолжување на вонредната состојба од само 14 дена, па глупостине на Уставниот суд – коишто најголемиот дел од луѓето ги гледаат како договорени со власта, го сакала таа тоа или не! – и сето тоа собрано на куп им праќа сигнал дека пандемијава е под контрола, дека можат да се олабават, да здивнат. И тие тоа го прават, нормално. Доволно е да излезете да прошетате час-два и сѐ да ви е јасно: нема заштитна опрема (или ја има кај секој 10-ти), мајки со мали деца (повторно без заштита) шетаат небаре се на некоја грчка плажа, групировки по сите основи и возрасти… каква пандемија, какви бакрачи! Конфузен, погрешен сигнал, дефинитивно.

Иако тој и таков „сигнал“ се темели на суетата на човекот да сака херојски приказни, сака да изгледа како победник, тоа му е некако во гените. Особено сегашнава приказна со изборите е дефинитивен гарант за уште една наша херојска победа, овој пат над непознатиот и особено непријателски настроен вирус, а со цел гордо да излеземе на избори, иако до вчера се криевме како глувци дома, дури не излегувавме и кога тоа беше дозволено. (Така впрочем беше и со оној другион „вирус“ викан груевизам: цела држава не смееше да писне, ама сега сите се првоборци! Веројатно и самиот Груевски, сосе мајка му). Не сака(в)ме ни да ги чуеме претпазливите гласови дека ништо не е како што изгледа, престанавме да ги читаме и здравствените билтени коишто, сепак, велат дека секојдневно има нови заразени, низ светот, ама и кај нас, луѓе сѐ уште умираат… Но добро, една успешна приказна не е отповеќе, ако е навистина – успешна. Дај боже да биде!

Но ако на овој (во самата негова суштина) конфузен и, да не чуе злото, контрапродуктивен сигнал ги накалемите и сите други исти или слични испраќани во етерот од страна на власта, односно коалицијата во ова време, добивате какофонија од лоши, двосмислени пораки за коишто очигледно никој не се грижи. Нема во власта умен човек за читање на ваквите пораки пред испраќање? Не знам, веројатно, ама ако нема, еве – се препорачувам. Не дека јас сум некој македонски Еко или локален „читач“ на јавни сигнали, ама некои нешта се веќе толку очигледни што поочигледни и не можат да бидат.

Земете го Охрид, на пример, и она таканаречено „парапетче Груевски“ – објавено пред некој ден, и бидејќи јавно обзнането веќе урнато од локалната власт, иако за него знаеле речиси цел месец. Не, не мислам дека тоа е лошо, ама ако тоа може да се егзекутира за само два дена, зошто не можат стотиците други дивоградби „крај езеро“? За ова има волја, и средства, а за другото – немет? Или земете ја Струга за пример – не Струхан, тоа веќе го одживеавме како катастрофален сигнал од власта – и декламациите на нејзиниот градоначалник (кој, апропо, глас не пушти за Струхан) дека таму нема дивоградби! Ма немој богати? А тоа што го кажуваат сите други освен локална власт – е лага? И што мислите, како граѓаните, или ако повеќе сакате – гласачите, го читаат овој „сигнал“, ама не низ зборовите на г. Мерко, туку низ молчењето на централната власт? Некој стручњак да ни појасни, можеби? Има таков во Владата или не? Или никој во власта не ги чита дури ни двете силни реакции на Лина Ќостарова Унковска и Ѕвездан Георгиевски? Да, подготвениот одговор на вакво прашање е: а колкумина од гласачите ги прочитале? Со надеж дека нивната бројка е мала, дека македонскиот гласач е по дефиниција „неписмен“ и не чита…? Па, не ќе да е баш така, нели?! И не треба ли некој навистина компетентен од власта да каже нешто?

Како што, впрочем, не слушнавме ништо друго освен конфузни молби, ниту едно компетентно мислење од власта за самоволијата на Џафери, ама слушнавме и прочитавме едно чудо експертски мислења за таа афера и сите до едно одеа контра умислениот уставотолкувач, но и контра власта, којашто го толерира таквото однесување. А во таа насока и едно чудо стручни мислења од компетенти експерти (меѓу другите и од Фрчкоски, Прешова и други) за неукоста на спикерот и неговата тенденциозна тврдоглавост во несвикувањето на Собранието – ама очигледно поддржувана и од власта – како крајно недемократски сигнал дека во државава сѐ уште може да владее самоволие, ако тоа е во интерес на власта! Зашто, ако дури и претседателот на државата „го укорува“ самобендисаниот пратеник (привремено заседнат на претседателското столче), а божем и Владата го прави истото, ама овој не реагира, односно според познатиот принцип „село гори, Џафери се чешла“ тој молчи сокриен некаде во Тетовско, тогаш – што ние да мислиме?

И сега, ако се редат уште едно чудо такви конфузно „склепани“ сигнали коишто, на еден или на друг начин, допираат до гласачкото тело – нека е и до само 10 проценти – зарем надлежните мислат дека тоа е така лесно надоместливо или дека дел од тие проценти не оди на контото на онаа и онаква опозиција, билдајќи ѝ го рејтингот? И ова се сосема случајно собрани/одбрани погрешни „пораки“ за коишто изгледа никој не се грижи. Толку ли с(м)е сигурни во победата? Можеби, дај боже, ама да не е и тоа погрешно прочитан сигнал?

Но она што особено внесува (за мене) оправдан немир повеќе е генералниот молк на јавноста отколку половичните тук-таму спорадични реакции. Не само за овие конфузни сигнали од власта, туку за вкупните состојби во државава, меѓу нив некои и од витална важност за македонската демократија. На пример, не сретнав дури ни краток осврт, реченица-две, од некој од оние силни дежурни гласови за еден особено интересен текст во „Фокус“, насловен „Толкувањето на Талат Џафери е опасно“, под којшто дословно стои: „Авторот е познат на Редакцијата“. Значи: не говорам за текстот (добар, лош, ваков, онаков) туку за – „потписот“. Вакви и слични „потписи“ (со иницијали, со измислени податоци или целосно непотпишани) беа обележје на едно друго време за коешто велиме дека не сакаме да се повтори. Зошто сега, и зошто (и) за оваа тема? Иако мислам дека темата и не е така битна, барем за аспектот за којшто говорам, туку повеќе начинот на практикувањето на „јавноста“! Од што се исплашил авторот (познат на Редакцијата), што може да му се случи, и зошто? Навистина ли никого не загрижува оваа појава – и не мислам тука само на власта, никако – никој ли од оние обично гласни вувузели не сакаат за ова да „коментираат“?

Токму овие се најопасните сигнали што власта мора да ги има предвид, особено ако веќе решила да оди на избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот