
Конференцијата на ОН за климатски промени се фокусира на нова финансиска цел, заштита на луѓето од климатските катастрофи
Конференцијата на ОН за климатски промени (COP29) заврши со нова финансиска цел, a тоа е да им помогне на земјите да ги заштитат своите луѓе и економии од климатски катастрофи и да ги споделат огромните придобивки од внесот на чистата енергија.
Препорачано
Со централен фокус на финансирањето за климата, COP29 обедини речиси 200 земји во Баку, Азербејџан и постигна договор што ќе овозможи тројно финансирање на земјите во развој, од претходната цел од 100 милијарди американски долари годишно, до 300 милијарди долари годишно до 2035 година. Исто така, ќе се направат напори на сите актери да работат заедно за зголемување на финансиите во земјите во развој, од јавни и приватни извори, до износ од 1,3 трилиони американски долари годишно до 2035 година.
На конференцијата присуствуваше и делегација од Македонија, предводена од претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова во чиј состав учествуваше првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
-Оваа нова финансиска цел е осигурителна полиса за човештвото, во услови на влошување на климатските влијанија што ја погодуваат секоја земја“, рече Сајмон Стил, извршен секретар на ОН за климатски промени, додавајќи дека навреме мора да се држат ветувањата, за да се заштитат милијарди животи.Тоа ќе го одржи растечкиот бум на чистата енергија, помагајќи им на сите земји да ги споделат нејзините огромни придобивки: повеќе работни места, посилен раст, поевтина и почиста енергија за сите. Меѓународната агенција за енергија очекува глобалните инвестиции за чиста енергија да надминат 2 трилиони американски долари за прв пат во 2024 година – се вели во соопштението.
COP29, исто така, постигна договор за пазарите на јаглерод – што неколку претходни COP-ови не беа во можност да го постигнат. Овие договори ќе им помогнат на земјите да ги испорачаат своите климатски планови побрзо и поевтино, и да постигнат побрз напредок во преполовувањето на глобалните емисии оваа деценија, како што бара науката.