Конфекција во Ресен е ново жариште на коронавирус, петнаесет вработени се заразени

Фото: EPA-EFE/DIEGO AZUBEL

Петнаесет вработени од конфекција за текстил во Ресен се позитивни на коронавирус.

Општинскиот кризен штаб, како што информира денеска за МИА градоначалниот на Општина Ресен Живко Гошаревски, кој раководи со телото, препорачал затворање на конфекцијата на 10 дена, но препораката не била испочитувана.

– Има инспекции и вработени од Центарот за јавно здравје, постојано вршат контроли и прават епидемиолошки анкети кај вработените, посочи Гошаревски.

Нагласи дека општината ги презема сите потребни мерки за заштита на населението од коронавирусот и оти посебно се насочени кон училиштата каде што се одвива настава со физичко присуство.

– Постојано се врши дезинфекција на улиците и во јавните институции. Во Општина Ресен има училишта каде наставата се врши со физичко присуство и таму посебно сме насочени за заштита на најмладите. Постојано сме во контакт со директорите, се врши редовно дезинфекција, а се делат и заштитни маски за учениците, истакна Гошаревски.

Според него, во јавните институции и компаниите на територија на општината се почитуваат препораките за заштита на населението во време на пандемија.

Во општина Ресен во моментот има 47 активни случаи. Од почетокот на пандемијата биле регистрирани 211 заразени и шест починати. Во Ресен првите позитивни случаи се појавија во јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот