Конечно закажан датумот за почетокот на судскиот процес против Манчестер Сити
Според најавите на медиумите на Островот, Премиер лигата во понеделник ќе го започне судскиот процес против Манчестер Сити во кој против англискиот шампион има дури 115 обвиненија.
Во февруари минатата година Манчестер Сити беше обвинет дека дури 115 пати ги прекршил правилата на Финансискиот фер-плеј во Премиер лигата во период од девет години (2009-2018).
Процесот конечно треба да започне во понеделник за кога е закажано првото рочиште пред независна комисија. Сослушувањата на сите вклучени би требало да траат околу два месеци, а потоа комисијата ќе ја донесе одлуката.
Станува збор за голем обем на документи и многу точки по кои се обвинуваат „граѓаните“, па така е потребно подолго време за се да биде анализирано. Очекувањата се дека конечната пресуда би можела да биде донесена во март 2025 година.
Но, исто така и тогаш Манчестер Сити ќе има право на жалба, па одново се ќе прегледува. Како можни казни се споменуваа одземање на бодови, па дури и исфрлање во понизок ранг.