Конечно дојде времето да му се плашиме на Апасиев!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Хух! Добро е, го преживеавме предизборниот викенд-митинг на Перо Камиказа и Левица – но, не за долго: крв има да се лее по скопските калдрми кога Апасиев ќе дојде на власт

Насловот на овој текст е директната порака од „најдобриот говор во историјата на локалните избори“ (како што го оценува неговиот Агитпроп): Апасиев во саботата (а јас, абдал невнимателен, го преспав три дена!) се обрати на митингот на градоначалничкиот кандидат Перо Камиказа, во кој најави дека „кога ќе дојдеме на власт, ќе ги забраниме митинзите, да знаете!“, а потоа се „осврна“ на потребата изборите да се одржуваат секоја година, како за време на старите Римјани, „оти како што гледате, само пред избори се работи“, нудејќи им го 62-годишниот Камиказа на младите поддржувачи на Левица за градоначалник на Скопје поради неговата „возраст и искуство“, а и бидејќи, според фотографиите во кои Апасиев направил увид, „Перо има јаки стомачни (мускули)“ и „како за негова возраст многу добро се држи“.

По неколку пасажи од римските времиња и анегдоти од создавањето на Левица, Апасиев во „најдобриот говор во историјата на локалните избори“ ја испрати главната порака од митингот (што ќе се забрани, веднаш по неговото доаѓање на власт): „Hо конечно дојде времето кога ни се плашат – и треба да ни се плашат, бидејќи ќе бидеме сурови, безмилосни кoн нивните криминали и нивните предавства. Бидејќи Левица не простува и Левица не ги  заборава сите овие зулуми коишто ни ги направија.“

Потоа следува мала тирада за „домашните окупатори и квислинзи“ и дојденото време „нашиот свет да стане (да се крене – н.з.) против нивниот“, со цитат од неговиот гуру, Робеспјер (од најдобрите времиња на „владеењето на теророт“ во историјата на Франција): „Ќе ја пресечеме секоја рака што ќе се осмели да го задржи народот!“… (Патем, Робеспјер, висок 160 сантиметри, го удвоил бројот на јавни погубувања без судење, а самиот завршил на гилотината на Француската револуција во 1794, без судење).

Од видеото на митингот (намерно не ставам линк, револуционерите треба малку да се помачат сами да го најдат, а и заради заштита на малолетната публика) се гледа собрана група на стотина граѓани, главно младинци, кои добро се забавуваа огреани од скопското есенско сонце, веројатно идните доброволци во комитетите за ликвидација на Апасиев.

Хух! Добро е, го преживеавме митингов – но, не за долго: крв има да се лее по скопските калдрми кога Апасиев ќе дојде на власт! Дури и маратонецот Камиказа на митингот малку подголтна и делуваше некако замислен, оти едно е да се трча за градоначалнички мандат, а друго е да се бега пред крвавите секири на Апасиев, брзоногиот револуционер висок 160 сантиметри. Не знае Камиказа, ама можеби претпоставува, дека целата „екипа“ на Робеспјер заврши трагично и без судење, како и тој (Робеспјер) самиот, а на Перо уметничкото име Камиказа веројатно почнува да му звучи како лош прекар (староримски omen), навестување на политичката судбина што сигурно не си ја посакува.

Што да се каже?

Ништо. Всушност, едно големо НИШТО. Вози, Мишко!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот