„Конде Наст“: Ова се најубавите гратчиња во светот, меѓу нив е и едно место од Балканот

Фото: Profimedia

Луксузното списание за патувања „Конде Наст“, кое постои од 1986 година, објави листа со 50 најубави мали градови ширум светот.

На листата, која ја направија уредниците на списанието, има гратчиња од различни делови на светот – од Канада до Јапонија.

„Можете да им го препишете тоа на гостоприливите мештани, на хотелите или на добриот старомоден шарм, но ние никогаш нема да се измориме од патувањата во мали градови. Речиси секоја држава во светот има свое гратче кое вреди да се истражи – од историските села во Јапонија, па се до пустинските оази во Египет. Без двоумење, ова се најубавите мали градови во светот“, се вели во написот.

Албарацин, Шпанија / Фото: Pexels/Jocelyn Erskine-Kellie

Според нив, најубавото гратче во светот е Албарацин во Шпанија. Тоа се наоѓа во провинцијата Теруел, а според пописот од 2018 година има 1.016 жители.

„Овој изолиран планински град покрај реката Гвадалавиар е главен кандидат за титулата најубав мал град во Шпанија, со розови и портокалови згради кои беспрекорно се вклопуваат во карпестата околина. Местото е особено уникатно поради неговата историја на муслиманско и христијанско владеење. Каде на друго место можете да најдете готски катедрали и маварски урнатини во ист мал град“, стои во описот.

Црвените карпи кои го опкружуваат градот го прават популарно место за искачување и пешачење.

Албарацин, Шпанија / Фото: Pexels/Pixabay

Што се однесува до балканските гратчиња, на листата се оправдано се најде словенечкиот град Блед.

„Постои причина зошто Бледското Езеро е едно од најпопуларните места во Словенија. Со својата смарагдна вода, малото островче со цркви, погледот кон Алпите и замокот од 12 век на рид, нема да ви недостасуваат совршени погледи. Околниот град Блед е исто толку шармантен“, пишуваат уредниците на „Конде Наст“ за Блед.

Блед, Словенија / Фото: Pexels/Alex Azabache

На листата се и градовите Бањос во Еквадор, Биеји во Јапонија, Бокас дел Торо во Панама, Есперанс во Австралија, Гордес во Франција, Халштат во Австрија, Ируја во Аргентина, Ламу во Кенија итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот