Концертот „Созерцание“ е омаж на исклучителниот композитор Арво Перт

Ансамблот и хор „Профундис“ под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ на 17 декември, во 20 часот, ќе го одржат концертот „Созерцание“, омаж на Арво Перт во големата сала на Филхармонија. На програмата се: Де профундус за машки хор, перкусии ад либитум и оргули, Трисагион (за гудачки оркестар), Стабат матер (верзија од 2008 за гудачки оркестар) и Молитва по Канон (од „Канон покајанен“) за мешан хор и гудачки оркестар (2018).

Опусот на современиот естонски композитор Арво Перт изразува љубов и пренесува духовна моќ, две есенцијални состојки на добрата музика. „Музиката е мојот пријател. Пријател кој има разбирање, емпатија, простува, теши. Парче ткаенина кое ги брише солзите. Извор на солзи радосници. Но, во исто време и болна како трн во телото и душата“, вели Перт, композиторот кој е роден на 11 септември 1935 година во Паиде. Автор е на многу дела – „Пасио“, „Стабат матер“, „Те деум“, „Мисерере“, „Канон покајанен“. Колку е плоден како композитор покажува и фактот дека во последните десетина година реаранжираше и создаде околу 25 нови дела. Неговата музика произлегува од единствениот животен стил и став кој се темели на христијанските вредности и вечната потрага по вистината, убавината и чистотата.

Ѓурѓица Дашиќ е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за музичка уметност на отсекот оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Македонската опера и балет како хор-мајстор. Учествува во поставување и одржување на целокупниот репертоар во Македонската опера. Има соработувано со голем број истакнати диригенти како асистент-диригент. Посебно се важни нејзините соработки со диригентите Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Урош Лајовиц и многу други. Во 2018 година го формира камерниот оркестар „Профундис“ со кој работи активно како негов уметнички раководител и диригент.

Камерниот оркестар „Профундис“ е нов уметнички состав чија цел е промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на еманципација на сите концертни изведувања. Покрај класичниот репертоар, кој опфаќа музичко творештво од епохата на барокот сè до денес, „Профундис“ се стреми кон развој и изнаоѓање поинакви начини на презентација на музиката (дигитални концерти, 3Д-мапинг, учество и презентација на нови технологии).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот