СЕ ГЛЕДАМЕ НА КОНЦЕРТ: Промоција на новиот албум на Фолтин

На 25 мај (сабота) во Club Cabrio со почеток од 21:00 часот, Фолтин ќе имаат концертна промоција на новиот албум МОМÓМА. Покрај новиот албум, Фолтин ќе ги отсвират и нивните најголеми хитови.

По овој повод Слободен Печат ќе додели четири влезници по случаен избор.

Сѐ што треба да направите за да добиете 2 карти е да оставите коментар под овој текст со вашето име и презиме и точна е-маил адреса. Право на учество имаат сите посетители на Слободен Печат.

Акцијата започнува денес а ќе трае до среда, 22-ри мај. Среќниците ги бираме во живо на истиот ден во 12 часот на нашата инстаграм страница.

За МОМОМА:

“МОМÓМА е најзрелиот албум на Фолтин. Музички клуч под дипле. Со кој влегувате којзнае каде. Благо џезиран. Бескрајно љубовен. И, замислете, пријатно поинаков од сѐ претходно, а препознатливо фолтиновски.

МОМÓМА е како Шпато да седнал со “Бич Бојс”, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна „Pet sounds“ фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост.

МОМÓМА е и „Скопје фест“, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов,
Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот… но со Фолтин, место сите нив заедно. Албумот нè гали и со влијанијата од Херби Хенкок – од “Thrust”, на пример, управувани од бојата на неговиот вселенски синтисајзер.

Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез фаза, па пее пригушено низ мегафонот од “Chocolate Jesus”. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка.
А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни.

„МОМÓМА“ е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може
само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно”.

Цената на билетите изнесува 400 денари во предпродажба и 500 денари на врата на денот на концертот, билетите можете да ги набавите преку продажната мрежа на Купи Карти За Се.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот