Концертот „Вода“ ќе го затвори 42. „Скопско лето“

Манифестацијата „Скопско лето“ со своето 42. издание ќе биде затворена на 30 јули со концертот насловен „Вода“ на Давор Јордановски и неговиот бенд. Концертот ќе се одржи во Куршумли-ан, со почеток во 21 часот.

Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок стилови. Изведувачи на концертот се Давор Јордановски – клавијатури, Алек Секуловски – тапани, Огнен Георгиевски – електричен бас, Оливер Јосифовски – контрабас, Сања Шуплевска – виолина, Орце Зафировски – фагот, Александар Јовевски – кавал и тамбура, а специјални гости се групата „Љубојна“ и вокалниот солист Васил Гарванлиев.

Познатиот пијанист, композитор и продуцент, Давор Јордановски и неговата група „Вода“, го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај разновидноста во инструментацијата и интелигентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со динамична и течна инструментација и звук. „Вода“ се храни од својата околина и зазема форма во контекстот на она што се изведува, отелотворувајќи, истовремено, спокој, чистота, промена, моќ и бес – исто како, и самата вода.

Давор Јордановски е роден и пораснал во Македонија, живее во Канада, а поминал и неколку години во Либија, како дете. Впечатоците од живеењето во таа култура остануваат со него додека расте во неговиот роден град Скопје, каде е под влијание на музиката од Балканот и Европа.

Во Канада, синтезата на музичките култури во музиката на Давор еволуира во уникатен стил, „world fusion“ што успешно обединува бесконечен спектар на разновидни звуци, инструменти, аранжмани и чувства. Давор своето класично музичко образование го продолжува и надградува со истражување на разни музчики стилови, како поп, џез, Р&Б, музика за филм, џез-фјужн, амбиентална, како и музика за симфониски оркестар.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување културни настани во време на пандемија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот