Концертот „Пролетна симфонија“ на ДММ 2023 има хуманитарна димензија

Камерен оркестар „Ајга“ со диригентката Ана Спасовска

Во големата сала на Филхармонија на 29 мај (понеделник), со почеток во 20 часот, ќе се одржи последниот концерт од првата сезона на фестивалот „46. Денови на македонска музика“, во организација на Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ). Сите средства од билетите ќе бидат донирани за лекување на малата Теодосија Лазаровска.

СОКОМ како општествено одговорно здружение, покрај грижата за заштита, изведба и промоција на македонското уметничко творештво, овојпат со концертот „Пролетна симфонија“ на ДММ 2023 ќе се вклучи и во акција од хуманитарен карактер.

Заедно со камерниот оркестар „Ајда“, под диригентство на Ана Спасовска, како солист ќе настапи врвниот светски виолинист Кирил Трусов, кој свири на виолина „Бродски“ изработена од Антонио Страдивари во 1702 година.

На програмата ќе бидат одбележани јубилеите на македонските композитори кои оставија траен белег во развојот на македонската уметничка музика, 80 години од раѓањето на композиторот и академик Ристо Аврамовски со делото „Пролетна симфонија“ и 90 години од раѓањето на композиторот и диригент Драган Шуплевски со делото „Македонско капричо“.

Камерниот оркестар „Ајга“ предводен од диригентката Ана Спасовска заедно со големиот виртуоз на виолина Кирил Трусов од Германија ќе го изведат и делото – Концерт за виолина и оркестар во е-мол на Феликс Менделсон.

Фестивалот „46. Денови на македонска музика“ се одржува под покровителство на Претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски, поддржан од Министерството за култура, а концертот се реализира во соработка со Гете-институтот и Друштвото за македонско-германско пријателство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот