Концертот „Магијата на италијанската опера“ ќе го отвори фестивалот „Модоарс“

Фестивалот за современа музика „Модоарс 2021“ ќе биде отворен со настап на италијанските уметници Антонио Сарнели Де Силва – баритон и Паоло Шибилиa – пијано во рамките на концертот со наслов „Магијата на италијанската опера“.

Концертот, што ќе се одржи на 22 јули во Даутпашин амам, со почеток во 20.30 часот, ќе биде единствена можност да се слушнат познати арии од италијанските опери, романси и канцони од Белини, Доницети, Верди, Тости, Леонкавало во изведба на извонредни италијански уметници.

Баритонот Де Силва и пијанистот Шибилиа се познати музички артисти кои имаат голема интернационална кариера. Наполитанскиот баритон Де Силва во својата интензивна кариера вбројува концерти во САД, Германија, Швајцарија, Франција, Унгарија, Австрија, Грција. Антонио ги изведувал водечките улоги на познатите опери низ речиси сите италијански оперски куќи. Шибилиа е пијанист, композитор, уметнички промотор и диригент, кој до сега изведувал преку 700 концерти низ целиот свет. Соработувал со бројни музички имиња, а настапувал и како солист со националните оркестри на Италија, Швајцарија, Русија, Украина, Молдавија, Албанија. Во дует со Де Силва ги освојуваат срцата на публиката низ многу земји.

Фестивалот „Модоарс“ оваа година е посветен на италијанските уметници. Концерт ќе одржат и Алесандро Вена (пијано) со премиерна изведба на етидите на Филип Глас и Ема Попивода – концерт за пијано „Dreamland“ со музика од италијански автори. Фестивалот ќе биде издавач на музиката на пијанистот Маурицио Мастрини во придружба на македонскиот оркестар „Профундис“ под диригентство на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот