Плакат за концертот на „Македонисимо“ во Темишвар

Концертната 2025 година Симон Трпчески со „Македонисимо“ ја почнува со настап во Темишвар

Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, концертната 2025 година ја стартува на 17 јануари во Темишвар, Романија, со оркестарската изведба на проектот „Македонисимо“.

Придружувани од Симфонискиот оркестар на Филхармонијата „Банатул“ од Темишвар, под диригентската палка на Раду Попа, квинтетот „Македонисимо“ на овој концерт ќе го сочинуваат и Владимир Крстев на виолина; Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов; а зад удиралките ќе биде Влатко Нушев. Делото изнедрено од богатата македонска традиционална музичка ризница низ аранжманите на Панде Шахов ќе се најде на програмското концертно „мени“ заедно со дела од Шостакович и Гершвин.

Како што информира „КултурОп“, Трпчески веќе наредниот ден стартува со својата мастер класа на Конзерваториумот за музика и балет во Љубљана, Словенија, додека концертните ангажмани ги продолжува во февруари со настапот во Нови Сад како солист на Војводинската филхармонија со диригентот Габриел Бебешелеа.

Потоа следуваат три концерти во Балтимор со Симфонискиот оркестар од овој американски град под диригентската палка на Кристијан Мачелару (на програмата е Концертот за пијано и оркестар број 1 од Сергеј Рахманинов) и две вечери во Салата „Бетовен“ во Штутгарт, Германија како солист на Штутгартскиот филхармониски оркестар со маестро Јан Вилем Де Фриенд зад диригентскиот пулт (во изведбата на пијано концертот од Григ со кој Трпчески блесна придружуван и од Македонската филхармонија на незаборавниот концерт со кој нашата музичка институција го одбележа својот 80-годишен јубилеј).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот