Компаниите годинава може да исплатат двојно повисок К-15

Работници / Фото: mia.mk

Дали домашните компании, годинава, ќе ја искористат можноста за двојно зголемен регрес за годишен одмор, работниците ќе знаат за околу еден месец. Владата им „фрли ракавица“ на работодавачите и како една од мерките од Петтиот економски пакет, понуди можност за зголемување на прагот на ослободување на оданочувањето со данок на добивка на Регресот за годишен одмор од постоечките 40 на 80 отсто.

Ако како основа за пресметка се земат просечните плати за декември, јануари и февруари, минималната сума за регресот за годишен одмор, исплатен сега, би изнесувала околу 11.300 денари. Но, ако се користи новото даночното ослободување до 80 отсто, сума би можела да биде двојна. Актуелно, сумата што е предвидена како минимална во Колективниот договор, изнесува 40 проценти од просекот на трите просечни нето плати во државата објавени од Државниот завод за статистика, пред исплатата.

Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, сумата за К-15, ќе се признае како расход, што ја намалува даночната основица на компаниите, а причина за тоа, како што соопшти лани премиерот Зоран Заев, е да се стимулираат работодавачите да даваат поголем износ. Веќе е утврден и текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка со кој се одредуваат непризнаените расходи, со што се создава можност за зголемување на износот на регрес за годишен одмор, што ќе се третира како признаен расход за даночни цели, како мерка од Петтиот пакет економски пакет.

Исплатата на регресот треба да почне наскоро, а се однесува за сите вработени кои работеле најмалку шест месеци, кај истиот работодавач. Обврската за исплата, законски, но и според Колективниот договор е до крајот на годинава.

Според Општиот колективен договор, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, може да исплатат и помал износ на К-15, без да се прецизира дали фирмата е во загуба. Информациите од синдикатите, говорат дека до нив лани пристигнале пријави за над 100 газди, кои воопшто не исплатиле или исплатиле помалку регрес. Според информациите од Државниот инспекторат за труд, до каде се пријавени ваквите случаи, оние работодавачи кои не го исплатиле регресот за годишен одмор добиле записник и решенија со задолжување за исплата, а некои веќе се и санкционирани.

Синдикалците, лани побараа работодавачите да добијат поголемо даночно ослободување за исплата на регресот за годишен одмор, а Владата го прифати и двојно го зголеми прагот за даночно ослободување од 40 на 80 отсто. Компаниите кои покажаа добри финансиски резултати веќе им исплатија од 25 до 28.000 денари за К-15 за годинава, но, уште има работодавачи кои не го исплатиле ниту ланскиот регрес. Премиерот Заев, неколкупати апрелираше компаниите што имаат можност, па дури и оние што покажуваат загуба, да исплатат регрес за годишен одмор.

-Работниците се трајното добро и за компаниите, но и за државата. Законот и самите колективни договори регулираат дека кога компаниите покажуваат загуба, тогаш нивната задолжителност паѓа, но имаме компании што оваа година ќе покажат загуба, но имаат добра акумулирана добивка од претходните години или знаат дека загубата од 2020 има сериозен потенцијал да биде покриена во 2021 година – рече лани Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот