Коморски инвестициски форум: Транспортот на стоки мора да биде непречен

фото миа

Коморскиот инвестициски форум, како асоцијација на шесте комори од регионот на Западен Балкан, од кој дел е и Стопанската комора на Македонија, бара од германската Влада што побргу да се надминат застоите на германските гранични премини и да се гарантира непречен проток на стоки.

Бизнис-заедницата од регионот на Западен Балкан изразува загриженост поради последните мерки воведени од Германија, кои се однесуваат на сите лица кои влегуваат во Германија, а кои престојувале или поминале низ Словачка, Чешка и низ делови од Австрија во последните 10 дена. За нив, од 14 февруари се воведува обврска за регистрација и за приложување негативен ПЦР-тест за Ковид-19, а во некои случаи и упатување во карантин.

Коморскиот инвестициски форум апелира до германските власти да се разгледаат сите опции за елиминирање на застојот во транспортот на стоки преку Германија и професионалните возачи да бидат изземени од примената на воведените мерки со што би се примениле препораките на Советот на ЕУ, кои се однесуваат на изземањето на транспортните работници од обврските за карантин и за приложување негативен ПЦР-тест, ако се приложи како доказ негативен брз антиген тест.

– Транспортот на стоки, како крвоток на секоја економија, не смее да запре и мора да се одвива во сите услови.Сликите на границите, кои ги гледаме деновиве, каде што се формирани редици од повеќе од сто возачи кои стојат со часови на екстремно лошо време чекајќи тестирање се навистина загрижувачки. На овој начин, тие се изложени на поголем ризик од заразување отколку кога би биле во кабините од своите камиони. Токму фактот што во внатрешноста на кабините возачите можат да останат безбедни од ризиците на ширење на болеста и потребата да се гарантира непречен проток на стоки во исклучително тешките услови во кои функционира европската економија речиси цела година беа причина професионалните возачи уште од почетокот да добијат посебен третман од националните власти. За времетраењето на пандемијата, почнувајќи од март 2020 година, професионалните возачи беа изземени од сите ограничувачки мерки и таков пристап треба да продолжи да се применува кон оваа категорија и во иднина, вели претседателот на Стопанската комора и потпретседател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот