„Комити“ до Вардар: Како да сме аматерски клуб..!
Вардарци во шампионатот најпрвин загубија од Македонија ЃП (0:2), а потоа ремизираа со новиот прволигаш Борец (0:0), загрижува тоа што и натаму се чекаат првите голови во новата сезона.
По подолго време се враќаат на Националната арена „Тодор Проески“, в сабота се домаќини во градското дерби со Работнички од 17.00 часот. Секако на овој терен ги имаат забележано најголемите успеси во својата богата историја.
Добри резултати на домашен терен очекуваат и нивната навивачка група „Комити“ каде што исто така владее разочарување од досегашните резултати, но и натаму од трибините ќе ги бодрат своите миленици.
Во пресрет на новиот прволигашки мечеви, „Комити“ се огласија со своето соопштение:
– Во првите две кола видовме тим и играчи кои го носат дресот на Вардар, но ангажман, борбеност и посветеност како да сме аматерски клуб на ревијални натпревари.
Знаеме дека не сме засилени, но костурот на тимот е задржан, знаеме дека сме кадарни за високи дострели а сепак имаме тешки нозе и бариери во главата, недоверба во сопствените можности, неверување дека можеме затоа што се е во главата…
Нам резултатите не ни влијаат на присуството, но ни влијаат на расположението на трибина, затоа подарете ни го чувството дека знаете каде играте и што бараме од секој натпревар дури и кога тоа не е победа туку желба за истата и труд за остварување. Ние веруваме во вас, верувајте и вие во самите себеси! –