Комитетот за спречување тортура предупредува на последиците од мерките за штедење во затворите

Затворот во Штип Фото: МИА

Комитетот за спречување тортура (КПТ) на Советот на Европа денеска објави извештај за условите во европските затвори, загрижен поради негативните ефекти од претходните мерки за штедење во некои земји што може да доведат до уште поголеми кратења на буџетот, како резултат на долгорочните реперкусии на пандемијата со Ковид-19, јави дописникот на МИА од Париз.

Во годишниот извештај за 2020 година, објавен денеска, КПТ потсетува дека за време на многубројните посети што ги правел во текот на изминатите години забележал недостиг на почитување на основните потреби на затворениците во одредени установи, што може да доведе до ситуации кога затворениците се изложени на ризик од нехуман и понижувачки третман.

Комитетот нагласува дека во неколку држави на Советот на Европа, пандемијата на ковид-19 доаѓа во време на буџетска криза во затворските системи што влијае на затворските буџети и на затворскиот персонал. За време на своите посети, КПТ сè повеќе забележува дека големите намалувања влијаеле на квалитетот на животот на затворените лица, во однос на храната, греењето, режимите на активности, пристапот до вработување и времето поминато далеку од ќелиите.

КПТ забележува дека мерките за штедење можат да ја зголемат сиромаштијата меѓу затворениците, да ги направат одредени производи поретки или поскапи и да го ограничат телефонскиот контакт на затворениците со нивните семејства или нивната способност да прават мали набавки во затворската кантина. Овој проблем може особено да ги зафати затворениците кои не добиваат приход од семејството или од надворешни извори, кои претставуваат значителен дел од затворската популација во многу земји.

-Лицата лишени од слобода во затворите или која било друга институција имаат право да уживаат соодветни услови за живот. Од клучно значење е да се подвлече дека некои од основните економски и социјални права на овие луѓе се неделиви од нивното право да бидат третирани хумано. Треба да се запази прагот на пристојност во затворите во секое време, вклучително и во контекст на мерките за штедење активирани од економските кризи, изјави претседателот на КПТ, Алан Мичел.

Комитетот смета дека сите лица лишени од слобода треба да имаат минимум бесплатен пристап до доволно количество вода за пиење, соодветна храна, како во количина, така и во хранлива вредност, и соодветни услови за живот. Другите минимални суштински барања се да имаат пристап до соодветни здравствени услуги, ефективно вработување и праведни надоместоци, до други мотивирачки активности и да имаат редовен контакт со надворешниот свет.

Понатаму, годишниот извештај потсетува дека на 20 март 2020 година, КПТ беше првото тело на Советот на Европа што објави суштински совет до земјите-членки за пандемијата: Декларацијата за принципите за третман на лица лишени од слобода во контекст на пандемијата на коронавирусот, што им беше достапен на земјите-членки на 26 јазици. За да го исполни својот мандат во овој период, КПТ изготви внатрешен практичен водич за заштитни мерки потребни за Ковид-19 со цел да продолжи со посета на местата на лишување од слобода.

Извештајот ги содржи и главните заклучоци и препораки од 18-те извештаи за посети објавени од КПТ во 2020 година и информации за 14-те посети извршени на земјите-членки во текот на годината. Дванаесет од овие посети се случија меѓу јули и декември, во контекст на пандемијата, меѓу кои и на С.Македонија, притоа почитувајќи ги соодветните мерки за заштита и хигиена.

Во 2021 година, КПТ веќе реализира периодични посети на Србија, Шведска, Швајцарија и Турција и планира да ги посети Австрија, Бугарија, Летонија, Литванија, Русија и Велика Британија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот