Комитет на Европарламентот прифати петиција за поддршка на Северна Македонија и македонското малцинство во Бугарија

Фото: МИА

Комитетот за петиции на Европскиот парламент ја разгледа и ја прифати петиција на бугарскиот новинар Михаил Михајлов за поддршка на Северна Македонија и на македонското малцинство во Бугарија и против кршењето на граѓанските права во земјата.

– Со задоволство ве известувам дека Комитетот за петиции ја разгледа вашата петиција и ја прогласи за прифатлива. Врз основа на тоа, ја замолив Европската комисија да спроведе прелиминарна истрага за ова прашање. Бидете сигурни, дека ќе ве информирам за какво било понатамошно дејствие преземено врз основа на вашата петиција, вклучувајќи ги и резултатите на прелиминарната истрага на Европската комисија, се наведува во одговорот на членката на Комитетот за петиции на Европскиот парламент, Долорес Монтсерат упатена до Михајлов на петицијата што тој ја доставил до парламентарниот Комитет на 12 декември минатата година.

Во реакција на одговорот Михајлов изразува задоволството од прифаќањето на неговата петиција и надеж дека тоа ќе им даде дополнителен поттик на политичките партии во Бугарија „да ги почитуваат човековите права и правото на национално самоопределување, како и да дадат „зелено светло” за членство на Северна Македонија во Европската унија”.

– Бојко Борисов повеќе не е премиер и сега новите власти ќе треба да му објаснат на Европскиот парламент зошто Бугарија не го почитува Европскиот суд за човекови права и не го признава македонското малцинство, зошто во Бугарија масовно се кршат човековите права и зошто Бугарија одби да дозволи Северна Македонија да преговара за членство во Европската унија. Верувам дека на овој начин новите власти ќе бидат принудени да направат промени, додава Михајлов во изјавата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот