Комисијата за заразни болести засега не препорачува нови мерки против ковид-19

коронавирус-скопје-болница-ковид-19-миа11
Коронавирус/ Скопје/болница/ковид-19/ Фото: МИА
Ситуацијата со ограничувањата на движење, особено за невакцинираните против ковид-19, одат од една крајност во друга во зависност од државата. Денеска Владата на Црна Гора објави дека се укинува ковид потврдата, а изминатиов период Норвешка, Шведска, Холандија, Данска ги олабавија мерките и се вратија на нормалниот тек на живот, скоро како во времето пред короната. Но од друга страна, во Германија, Австрија, Бугарија, Франција има нови рестрикции и акции за вакцинација.

Министерот за здравство Венко Филипче неодамна најави дека и кај нас се очекува да се заострат мерките за невакцинираните, со што наместо една доза за влез во угостителски објекти и затворени трговски центри ќе биде потребен доказ за применни две дози.

Дали најавеното ќе се спроведе се обидовме да дознаеме од Комисијата за заразни болести, но членовите на Комисијата со кои стапивме во контакт не сакаа да изнесат нови информации во јавност, се до следното свикување на состанок.

– Засега нема никакви нови рестрикции што се однесува на заштитата од ширење на вирусот Ковид-19, но ситуацијата знае да биде променлива. Веќе на следното свикување на состанок, може да има промена, кратко ни одговори Ирина Бухова, член на Комисијата.

И од Министерството за здравство само кратко одговорија дека нема промена во мерките за заштита од Ковид-19.

– Нема промена во мерките за заштита од вирусот Ковид-19. Министерството за здравство навремено ќе ја информира јавноста за сите предлози за нови мерки и протоколи, одговорија од МЗ.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација во земјава е 47% , а со две дози опфатени се 44% од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Колку за споредба, земјите кои што донесоа одлука за укинување на рестрикциите имаат значително повисок степен на вакцинација на возрасното население. Во Шведска се вакцинирани 70 проценти од возрасното население, во Данска, процентот се искачил на 80, а највисок процент на вакцинирани граѓани има во Норвешка, каде 90 проценти од возрасното население е вакцинирано.

Евробарометар денеска го сподели истражувањето во врска со заинтересираноста на земјите за вакцинација против Ковид-19, кое покажува дека најнезаинтересирани земји за вакцинација против ковид-19 се Словенија, Бугарија, Хрватска и Литванија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот