Комисија за заразни болести: Со мерки за невакцинираните до колективен имунитет?

фото: Слободен печат/ Драган Митрески

До овој момент ништо конкретно не е дискутирано, меѓутоа по 2 август ќе видиме, велат нашите извори од Комисијата

По празникот, Комисијата за заштита на населението од заразни болести ќе предложи мерки, кои по нивната примена би требало да го зголемат опфатот на вакцинирани лица,  брифираат извори на „Слободен печат“.

Најавата претходно дојде од министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека доколку процените покажат дека невакцинираните претставуваат опасност за вакцинираните, тогаш за нив ќе има рестрикции, ама не прецизираше какви.

– До овој момент нема ништо конкретно како предлог и конкретно не е дискутирано. Меѓутоа, по 2 август ќе видиме – велат нашите извори од Комисијата за заразни болести.

Во некои земји се прават брзи антигенски тестови пред влез во продавница или за културен настан, но на трошок на тие што нема да покажат вакцинален сертификат.

– Некои земји воведуваат брзи тестови за влез во маркети, места за културни настани и така натаму. Размислуваме за тоа, но одлука уште не сме донеле. Меѓутоа, ако процениме дека ризикот од невакцинираните кон генералната популација и кон вакцинираните е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки – нагласи Филипче.

Министерството за здравство е во интензивна вакцинална кампања и апелира за што поголема масовност за да се создаде колективен имунитет. Во спротивно, вирусот ќе продолжи да се шири ако нема доволен број вакцинирани.

Во сите здравствени домови, дури и во руралните подрачја од земјава, овозможено е вакцинирање на секој што ќе изрази интерес, без закажување.

По две примени дози, граѓаните добиваат сертификат за вакцинација со код, кој може да се користи за патување во странство.

Во пресрет на новата учебна година, од средината на август ќе настапи и интензивна кампања за вакцинирање на вработените во училиштата и во градинките за да се обезбеди нивно непречено функционирање со физичко присуство од септември.

Половина милион граѓани се вакцинирани досега со барем една доза, а приближно 330 илјади се ревакцинирани. До крајот на август се очекува да се ревакцинираат сите половина милион граѓани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот