Комесарот на Орбан во Брисел

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Функционерите на ЕУ сметаат дека Северна Македонија на патот кон преговорите остварила многу повеќе од Албанија. Зошто Оливер Вархељ мисли поинаку?

Дочекан со нескриени симпатии во Белград и во Бања Лука, поранешниот унгарски дипломат склучи малку пријателства во Брисел, зашто се смета дека секогаш кога може ја протнува сомнителната агенда на својот поранешен шеф во Будимпешта.

Сомневањата дека Вархељ настојува да протурка и некоја своја агенда, зад која се крие Орбан, се засилија со навестувањата дека Албанија би можела самата да продолжи по европскиот пат, а Северна Македонија повторно би била турната во неизвесност и оставена на брегот

Во време кога народите од Западниот Балкан се подлабоко се разочарани од процесот на проширување на Унијата, што е засилено со доцнењето на доставувањето на вакцини за ковид-19, разбивањето на дуетот со Албанија и враќањето на Северна Македонија на спореден колосек уште повеќе би го засилил порастот на евроскептицизмот низ целиот регион

Да се биде унгарски комесар во Европската Унија не е лесна работа кога премиерот е потврден десничарски националист и отворен критичар на либералните вредности и на Европската комисија.

Со репутација дека е голем лојалист на Виктор Орбан, дека е и поконзервативен, иако не е член на неговата партија, комесарот за соседство и проширување Оливер Вархељ своевремено во Европскиот парламент не доби поддршка од двотретинското мнозинство, кое дополнително го обезбеди со пишани одговори на прашањата од пратениците.

Дочекан со нескриени симпатии во Белград и во Бања Лука, поранешниот унгарски дипломат склучи малку пријателства во Брисел, зашто се смета дека секогаш кога може ја протнува сомнителната агенда на својот поранешен шеф во Будимпешта.

Таквите сомневања беа засилени со неговата идеја отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија да се одложи на неодредено време, се додека не се укине блокадата од Бугарија. Тоа би претставувало удар за владата на премиерот Зоран Заев и поттик за враќање на националистичкиот поранешен премиер Никола Груевски, кој побегна – во Унгарија.

Комесарот Вархељ во октомври 2020 година изјави дека „многу се надева“ дека Скопје и Тирана ќе ги отворат преговорите до крајот на таа година. Во Скопје тогаш говореше за напорите на ЕУ да обезбеди дополнителни 20 милијарди евра инвестиции за да фати чекор Западниот Балкан со остатокот од Европа, а домаќините ги повика да ги забрзаат реформите што се услов за членство – владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформа на судството.

Блокада од Бугарија

Се чинеше дека нема причини да не бидат исполнети ветувањата дадени на премиерот Заев, но на сцена во ноември настапи Бугарија со блокада на пристапниот процес. Тогашниот премиер Бојко Борисов, придружен член на десничарското јадро на ЕУ, кое го сочинуваат Унгарија и Полска, побара прво да се расчистат билатералните конфликти во врска со „спорните“ прашања за идентитетот и јазикот.

Некои дипломати од тогаш го обвинуваат Вархељ дека е премногу попустлив кон барањата од Бугарија, иако тие не би смееле да го условуваат отворањето на преговорите. Истите критики, врз основа на ставот дека комесарот е пречувствителен на интересите на Унгарија, а не на Европската Унија како целина, се користат и за односот кон Србија, поради блиските врски со Орбан, кој себе си се прогласи за творец на концептот на „нелиберална демократија“.

Вархељ, дипломат кој зад упристоената фасада крие неконтролирана грубост и агресивен пристап кон проблемите, ваквите критики ги отфрла и истакнува дека во текот од првата година од работењето во Европската комисија, тој лично, по еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис, имал најголем број разгледувани прашања.

Но, сомневањата дека Вархељ настојува да протурка и некоја своја агенда, зад која се крие Орбан, се засилија со навестувањата дека Албанија би можела самата да продолжи по европскиот пат, а Северна Македонија повторно би била турната во неизвесност и оставена на брегот.

– Ако повторно налетаме на тешкотии со Северна Македонија, што би значело дека неуспешно се обидуваме да постигнеме взаемно прифатливо решение помеѓу Бугарија и Северна Македонија, тогаш прашање е дали можеме да напредуваме само со Албанија – вели комесарот.

Во време кога народите од Западниот Балкан се подлабоко се разочарани од процесот на проширување на Унијата, што е засилено со доцнењето на доставувањето на вакцини за ковид-19, разбивањето на дуетот со Албанија и враќањето на Северна Македонија на спореден колосек уште повеќе би го засилил порастот на евроскептицизмот низ целиот регион.

Премиерот Заев, соочен со бугарските бариери, поткрепени од Вархељ, повторува дека неговата земја нема да се одрече од националниот идентитет ни по цена на невлегување во ЕУ. „Не ни треба Европската Унија, ако цената би била отстапување од македонскиот јазик и идентитет“.

Унгарија на местото на Германија

Иницијативата на Вархељ се покажа како проблематична до степен во кој и однесувањето на Орбан, кој при крајот на минатата година се закануваше со вето и го сопираше изгласувањето на новиот седумгодишен буџет на ЕУ, бидејќи Унијата пристапот до своите фондови се обиде да го услови со состојбата на демократијата во проблематичните држави какви што се Унгарија и Полска.

Функционери на ЕУ сметаат дека Северна Македонија на патот кон преговорите остварила многу повеќе од Албанија. Германија и Словачка први решително соопштија дека не се согласуваат со ставовите на еврокомесарот за проширување.

На неодамнешниот состанок на амбасадорите, на кој меѓу темите беше и Западен Балкан, ниеден од десеттемина учесници не ја ни спомна идејата на Вархељ, а еврокомесарот за надворешни работи Жосеп Борел јасно порача дека Европската комисија не е за одвојување на пакетот во кој се Северна Македонија и Албанија.

Комесарот не отстапува и повторува дека линијата на разграничување е опција што би требало да биде разгледана, иако остварувањето на неговата идеја би значело повторување на големата грешка, која Европската Унија веќе ја направи во однос на Северна Македонија.

Вархељ секако нема потенцијал самиот да го реши бугарско-македонскиот спор, таквата одлука, пред се, му припаѓа на претседавачот на ЕУ или на германското претседателство со Европскиот совет, кое изминува во текот на овој месец. Наследник на Германија е Унгарија, што не го охрабрува Скопје, на кое само му преостанува да се надева дека на повторените избори во Бугарија, веројатно на 11 јули, нема да победат националистите од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.

Премиерот Орбан на многу теми влегуваше во конфликти со канцеларката Ангела Меркел, а се покажува дека европските перспективи на Северна Македонија е една од нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот