„Комерсант”: Москва преку посетата на Лавров сака да сочува влијание на Балканот

Фото: sputniknews.com

Со посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Балканот, Москва се обидува да го зачува своето влијание во регионот, користејќи ги пред сè посебните односи со Србија и со Република Српска, пишува московскиот весник „Комерсант”.

Весникот наведува дека посетата на Лавров доаѓа во време кога Европската Унија (ЕУ) најави амбициозни планови за инвестирање до 20 милијарди евра во регионот, а Европската Комисија (ЕК) за балканските проекти предвидува издвојување на девет милијарди евра до 2024 година.

– Ваквите амбициозни планови станаа реална потврда за намерата на ЕУ да го зајакне своето присуство во регионот, по неколку години де факто самоисклучување од балканските работи, пишува „Комерсант”.

Весникот потсетува дека Лавров ќе ги посети Грција, БиХ и Србија и оценува дека иако агендата на тие посети е различна, тие сепак имаат заедничка карактеристика. Весникот наведува дека регионалните експерти со овој фактор го поврзуваат значењето на балканската турнеја на Лавров.

– Балканот е важен геостратешки приоритет за Русија, која има намера да го искористи сегашниот релативен вакуум, кога многу балкански земји сè уште не се премногу приближени до ЕУ, го цитира весникот коментаторот Владо Вурушиќ од хрватски „Јутарњи лист”.

Вурушиќ вели дека Русија ја спроведува својата балканска стратегија главно преку Србија, која ја смета за „клучен партнер во регионот”. „Комерсант” пишува дека Лавров има многу теми за разгледување при неговата посета на Белград.

– Главно прашање е до кој степен претседателот Александар Вучиќ е подготвен да продолжи со дела, а не со зборови, да биде стратешки партнер на Русија во регионот, пишува весникот.

„Комерсант” потсетува дека на почетокот на септември, Вучиќ во Вашингтон потпиша договор за економско нормализирање на односите со Косово, додавајќи дека неговата имплементација може да има „сериозни геополитички последици, ослабување на зависноста на Србија од рускиот гас и обезбедување Белград и Приштина да се приклучат на безбедносниот систем контролиран од САД”.

Весникот додава и дека Белград минатата недела направил „недвосмислен гест кон Москва”, кога потврди дека се отвора претставништво на руското Министерство за одбрана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот