Коментар што требаше да биде за фудбал

Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

На ДУИ ѝ претстои борба за легитимитет. И во ФФМ, околу која се вртат најмалку десетина милиони евра. Веднаш станува јасно за каков легитимитет е борбата.

Игрите во македонскиот фудбал одамна се излезени од контрола, и тоа дотаму што ќе мора и полицијата да се занимава со последните фаули во забранетиот и казнен простор во борбата за преврат во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). МВР потврди дека во петокот претседателот на ФФМ Муамед Сејдини е нападнат од неколкумина што при нападот немале маски на главите. Добро е што сепак биле и без бејзбол-палки, зашто теренот околу фудбалот памети и такви нефудбалски спортски реквизити за „размена на мислења“ со различните од себе.

Во „балканската крчма“ (нападот се случил пред ресторанот „Балканика“) фудбалот го водат политичари. Сејдини не е исклучок, а потврда е соопштението на сега опозициската ДУИ, во кое не пропушти да повтори дека Сејдини е „првиот Албанец на чело на ФФМ“. ДУИ, на пример, никогаш не потсети кој Албанец бил првиот репрезентативец или кој Албанец прв постигнал гол за Македонија, кога веќе на фудбалот му дава етнички предзнак.

Инцидентот е ставен во политички контекст со укажувањето на ДУИ на опасноста од зголемување на меѓуетничките тензии. Формулациите во нивното соопштение за однесувањето на Владата од типот „бик во продавница за порцелан“ не се ништо ново за „борците за легитимитет“ откако ја загубија власта. Таа борба им претстои и во сферата на фудбалот, каде само ФФМ прави обрт од најмалку десетина милиони евра. За моќта да се протежираат фудбалски клубови и поединци и да не зборуваме.

Сејдини на чело на ФФМ дојде како фудбалски анонимус, односно како „десна рака“ на неговиот претходник, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Ѓоргиевски, кога овие две партии беа владини партнери. ДУИ оттогаш и не крие дека Сејдини е „нивни“ (барем да беше некое позвучно фудбалско име, ама Али Ахмети нема таков земјак поранешен фудбалер). Лидерот на ДУИ, пак, заедно се фотографираше со својот роднина од Зајас и со пехарот на тетовска Шкендија за титулата првак на Македонија. Фудбалот во земјава не е веќе опиум за народот како некогаш, но сепак сè уште се користи за партиска промоција.

За ФФМ, пак, нападот е со цел да се изврши притисок врз Сејдини. Оттаму потсетуваат дека тој е избран „преку легални и демократски процедури, со гласови на делегатите“. Токму со легалноста во ФФМ подолго време се занимаваше и државната Агенција за млади и спорт, кога нејзин директор беше Наумче Мојсовски, назначен од СДСМ, тогашниот владин партнер на ДУИ. Напорите не дадоа ефект, веројатно и затоа што заменикот на Мојсовски од ДУИ му даваше поддршка на Сејдини со присуството на собирите кога беше биран за фудбалски лидер.

Сега поинаку стојат работите. Актуелниот министер за спорт Борко Ристовски не ја „вади од уста“ кривичната пријава поднесена против Мојсовски, а со Горан Пандев, еден од ретките што отворено зборува против Сејдини, заедно посетуваат кампови за деца што се толкува како поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за промени во фудбалот што владејачката партија веќе ги направи и во ФК Вардар.

Челниците на ФФМ секогаш тешко се откажувале од власта, ако се суди како беа менувани Љубисав Иванов, Хари Хаџиристески, Илчо Ѓоргиевски. Погоре кажав зошто, има најмалку 10 милиони причини. Последните информации (пред покачувањето на функционерските плати) беа дека платата на претседателот на ФФМ е 4.000 евра (барем на последните двајца фудбалски лидери), сума речиси двојна од таа на шефот на државата. Премиите од 20 илјади евра за пласман на Евро се инцидентни, но не се за потценување.

Денес не зборуваме за пласман на ЕП, макар и да си се честат членовите на Управниот одбор на ФФМ по тој повод. Денес зборуваме за репрезентативни порази од 0-7, реми со Фарски Острови, отсуство на победа речиси цела година (од триумфот против Ерменија во октомври лани до победата против истиот противник пред три недели), испаѓање на клубовите од евросцената уште по првите двомеча, тепачки на трибините, сомнежи во судењето во домашното првенство…. Но Сејдини повторно ќе го изгласаат 52 од 53 присутни делегати и в година ако се одржи редовното изборно Собрание на ФФМ, како што го избраа и претходно, се разбира без противкандидат. Под услов да „преживее“ дотогаш!

Промените во фудбалот секогаш биле со политичко-партиска логистика, односно со притисок врз делегатите во Собранието на ФФМ, кои не се малку, а се и многу поткупувани, со години. Затоа паметиме изборни собранија пред чие одржување полицијата запираше возила на кревачите на два прста, а и делегати што ненадејно „мораа да дежураат“ на работното место во државната администрација кога требаше да се гласа за претседател на Федерацијата.

Полиција, меѓуетнички тензии, владини партнери, обрт, демократски процедури, кривична пријава, политичко-партиска логистика… се дел од клучните зборови на овој коментар. Коментар што требаше да биде за фудбал. Ама не е, повеќе е за политика. Затоа немаме фудбал!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот