КОМЕНТАР. Божествената женственост на „Мали жени“ и ревијата на „Диор“

Во изминатите пет години, феминистичките бранови силно нè заплискуваа преку модната и филмска индустрија. Но пристигнува ли, годинава, феминистичкото цунами? Судејќи според првиот месец, јануари, веќе мириса на него.

Се сеќавате ли на феминистичката ревија на Карл Лагерфелд за модната марка „Шанел“ за сезоната пролет/лето 2015 година? На маичките со порака „Сите треба да бидеме феминисти“, дизајнирани од Марија Грација Кјури кога беше назначена за креативна директорка на „Диор“, како прва жена на врвот на славниот француска куќа? На розовите плетени капи на италијанската креаторка Анџела Мисони на ревијата за сезоната есен/зима 2017? На маичките со порака „Иднината е женска“ или „Вака изгледа феминистката“ на Прабал Гурунг на њујоршката модна недела за сеозната есен/зима 2017? „Не го менуваме светот кога шепотиме, туку кога врескаме“, беше слоганот на соработката на „Гучи“ со поетесата Клео Вејд за да ја прослави жената во нејзината единственост, но пред сè во нејзината сила. Во изминатите пет години, феминистичките бранови силно нè заплискуваа преку модната индустрија. Но пристигнува ли, годинава, феминистичкото цунами? Судејќи според првиот месец, веќе мириса на него.

Минатата недела, на ревијата на „Диор“ во Париз, присутните беа дочекани со џиновски слогани кои висеа над главите на моделите. Дваесет и еден транспарент, како плакати на протест, поставија прашања: „Што ако жените владееја со светот?“, „Дали старите жени ќе бидат почитувани?“, „Би личеле ли зградите на утроба?“, Дали бог е феминист?“,„Дали Земјата ќе биде заштитена?“. Осумдесетгодишната феминистка и писателка Џуди Чикаго, позната како „кума на вагиналната уметност“, на покана на креативната директорка на „Диор“, Марија Грациа Кјури, соработуваше на сетот за ревијата со слоганот „Женска боженственост“, создаден за „да ги преиспита улогите и моќните односи, преку призмата на полот, и начинот на кој денес живееме заедно“. Од париската улична мода пак, за време на Модната недела, ги видовме „на дело“ феминистичките модни решенија, преземени од 80-те години, кои се пак инспирација на повеќето актуелни трендови форсирани од креаторите за сезоната пролет/лето 2020 – од костуми со машки крој, до момчешки фризури. Сликата е јасна, не е само феминизмот присутен во модата, туку феминизмот е, воопшто, во мода. Речиси е невозможно да помине ниту еден ден без да стигне до нас, на кој било начин, порака за поддршка на жените и за подобрување на нивната положба во општеството.

Од 23 јануари, во „Синеплекс“, имаме можност да го видиме филмот „Мали жени“, кој има шест номинации за годинешните Оскари. Режисерката Грета Гервиг е тука портпарол на плуралната женственост, која е вистинска јачина на филмот. „Мали жени“ е повеќе од класична приказна за жените, таа е вистинска алегорија на женственоста. Ликовите ги карактеризира разновидна и еклектична женственост од сите погледи. Често, на „женските“ филмови им недостасува својствен белег. Но, тоа не е случај со длабоко емотивниот „Мали жени“, кој ќе ја разнежни и машката публика. Идејата на режисерката не се заснова на едноставни холивудски предрасуди, како еманципација по секоја цена, што се совпаѓа со демонизацијата на класичните институции како што е бракот; Гервиг успева да изгради филм базиран на женското самоопределување, врз идејата дека жените, од сите погледи, се слободни да изберат своја судбина, надвор од надворешните притисоци со кои се принудени да се соочат.

Во еден од најболните дијалози на филмот, Џо се прашува дали добро направила што ги отфрлила предлозите на Лори – „Жените имаат ум и душа, а не само срце. Тие се амбициозни и талентирани, а не се само убави. Толку сум уморна од слушање дека љубовта и семејството се единствените работи за кои е создадена жената“. Цитатот е преземен од друга книга на Лујза Меј Алкот, „Роза во цутење“, но Гервиг не запира и додава една последна реченица, нејзината: „Но, јас се чувствувам толку сама…“.

Можеби најубавата работа од сè е што, постепено низ филмот, Гервиг ја меша судбината на Џо со онаа на авторката на книгата, Лујза Меј Алкот, која никогаш немала деца, никогаш не се омажила и која имала исклучителен живот како феминистичка и анти-ропска активистка и како писателка. И додека еден од најлошите аспекти на книгата и нејзините последователни адаптации е крајот – Џо, која отсекогаш имаше силна желба за независност и која се заколна дека никогаш нема да се омажи, се мажи со постариот учител, со кого никој од нас не би сакал да ја види во брак (по објавувањето на романот, 1868 година), Лујза Меј Алкот, изјавила дека се чувствувала обврзана да ја омажи својата хероина за да ги исполни социјалните очекувања од тоа време и поради продажбата и прифатливоста на книгата), режисерката Гервиг, во филмот „Мали жени“, на некој начин, ја коригира приказната, задоволувајќи ја правдата.

Во очекувањето на феминистичкото цунами преку уметностите, вклучувајќи ја и модата, добро е да се потсетиме дека во изминатата, 2019 година, е забележен рекорден број на жени режисерки на врвни филмови дистрибуирани во текот на годината, кои успејаа да го пренесат женското искуство на оригинален и искрен начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот