Комеморативна церемонија по повод 76 години од холокаустот на Ромите во Втората светска војна, организирана од НРЦ

Свеста за геноцидот врз Ромите, вели таа, е зголемена во последните години, но многу работи остануваат и треба да се направат.

Непризнавањето на холокаустот врз Ромите и Синтите претставува одраз на долгогодишната дискриминација со која се среќаваме во секојдневниот живот. Истите механизми што доведоа до истребување на Ромите и Синтите се се уште присутни во општеството. Говорот на омраза, злосторства од омраза, полициска бруталност, присилно исселување, училишна сегрегација, лошо домување, длабоко вкоренети предрасуди и дехуманизација на Ромите се меѓу многуте манифестации на ширум распространетиот антициганизам.

Ова денеска го истакна Љатифа Шиковска, новоизбраната пратеничка во Собранието која се обрати на комеморативната церемонија по повод 76 години од холокаустот на Ромите во Втората светска војна, организирана од Националниот ромски центар од Куманово, по повод Европскиот ден на сеќавањето на холокаустот врз Ромите и Синтите – 2 Август.

Свеста за геноцидот врз Ромите, вели таа, е зголемена во последните години, но многу работи остануваат и треба да се направат.

– Учебниците по историја треба да вклучуваат информации врзани со Геноцидот врз Ромите, потребно е да се изгради и спомен обележје на жртвите Роми од холокаустот, како и формално да се признае овој ден како официјален ден на сеќавање на жртвите на холокаустот на Ромите. Императивот кој се стремиме да го постигнеме – „Едно општество за сите”, може да го постигнеме со висока заложба за институционално признавање на 2 Август како важен настан од ромската историја со цел да ја зајакнеме меѓусебната доверба почит и толеранција, рече Шиковска.

Извршниот директор на Национален ромски центар од Куманово Ашмет Елезовски посочи дека овој ден ќе остане запаметен во меморијата на многу граѓани во светот, бидејќи Ромите и Евреите се жртви на најголемиот холокауст во светот за време на Втората светска војна.

– Денешната комеморација е да се поттикне, да се помогне за вистинско информирање на младите генерации. Сите ние имаме право на живот, тоа треба да го бараме и од институциите, но и од нас самите, но нормално и од Господ, рече Елезовски.

Церемонијата заврши со едноминутен молк во чест на жртвите Роми од холокаустот покрај Кејот на реката Вардар во Скопје. Присутните симболично фрлија цвеќе во водите на реката Вардар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот