Комбинирана програма на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“

Поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“, како еден од најстарите и најзначајни светски поетски настани, оваа година со целосно почитување на најновите мерки за заштита од коронавирусот, ќе се одржи од 26 до 30 август.

Фестивалот ќе се организира со физичко присуство на домашните поети и на најголемиот дел од поканетите учесници од странство. Помал дел од странските поети, што од објективни причини нема да можат да бидат физички присутни, ќе бидат претставени преку видеочитања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.

Специјално видеообраќање и видеочитање подготвила и годинашната лауреатка на СВП, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најавила своето физичко присуство на следното издание во 2022 година. Иако беше првично најавен како специјален гостин на јубилејното издание на СВП, минатогодишниот лауреат Амир Ор од објективни причини е принуден да го одложи своето физичко присуство за следното издание, известија од СВП.

Лауреатката на „Златен венец“ на СВП 2021, Керол Ен Дафи, ќе има видеообраќање, а своето физичко присуство го најавила за 2022 година

Програмата на фестивалот ќе се одвива во периодот од 26 до 30 август и ќе ги задржи препознатливите програмски содржини. Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Во склоп на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија, Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а како специјален настан е предвидена промоцијата на монографското издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“, како дел од Националната програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.

Струшките вечери на поезијата ќе се одржат под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауреатите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.

Во согласност со најновите мерки за заштита од коронавирусот, свеченото отворање и затворање на Фестивалот ќе се одржат на покриената тераса на хотел „Дрим“. Во другите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотелот, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 94, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот