ВИДЕО | Командант Симоновски: Пожарникарската скала е поскапа затоа што е со дополнителна опрема

Набавката на противпожарната скала вредна 1,7 милиони евра предизвика голем интерес кај јавноста, посебно откако ВМРО – ДПМНЕ објави дека истата е набавена преку фирмата на зетот на  секретарот на градоначалникот.

Во партиската реакција се вели дека фирмата на зетот на најблискиот соработник на скопскиот градоначалник Шилегов ќе заработи 540.000 евра, додека граѓаните на Скопје ќе чекаат со часови да им помогне противпожарната единица која тие ја оставаат без опрема.

На оваа тема денеска се огласи и командирот на Единицата за противпожарна заштита, Владимир Симоновски, кој нагласи дека скалата е набавена преку меѓународен тендер на кој се јавила само една компанија од Унгарија.

– Со набавката на оваа скала пожарникарите ќе можат да интервенираат при пожар и на високите згради, односно одсега граѓаните кои живеат на височина од пет ката и повеќе, нема да стравуваат за нивната безбедност во случај на пожар. Oва е прв пат Бригадата за противпожарна заштита во Скопје да набави ваква софистицирана опрема, а очекуваме дека скалата ќе дојде до крајот на мај или почетокот на јуни. Цената на скалата е повисока затоа што истата содржи дополнителна опрема, за која се доплатува. Разликите во техничка смисла во однос на основната верзија на скалата се следни: компјутерска стабилизација на корпа, РЦ 400 корпа за 4 луѓе плус, монтажа на корпа носилка за повредени, фен или чафовлекач кој се монтира на самата корпа, електромагнетна стабилност, агрегат за струја (за работа на скалата без погон на возилото), негативен нагиб на корпа до 8 метри во минус, сајла за спуштање на пожарникари, дополнителна скала за од корпа до покрив, довод на вода за употреба на млазницата за гасење монтирана на самата корпа, подвижен под на корпа и компјутерска нивелација на цела надградба. За користење на скалата ќе биде спроведена обука на осум пожарникари, а истата ја обезбедува производителот на скалата, рече командант Симоновски.

Тој потсети дека набавката на скалата се провлекува од 2010 година, откако е ставена во јавни набавки.

– Противпожарната скала е купена по наши препораки, како стручни лица, направена е анализа на територијата на Град Скопје, направени се испитувања на терен за потребите на градот, но и во делот каде што се соочуваме со секојдневни проблеми поради урбанизацијата на градот за да можеме пристапните улици да ги користиме за скалата. Можевме да купиме и поголема скала, но таа немаше да има функција. Според функционалната анализа оваа скала е најсоодветна за градот Скопје. Станува збор за набавка спроведена низ високотранспарентна постапка – меѓународен тендер кој траеше 6 месеци. Притоа, се имаше предвид дека ваква опрема произведуваат само 2 производители во Европа,  Розенберг  од Австрија и Магирус од Германија. Кај нас ова е прво возило од овој тип и единствено не само во Скопје, туку и во целата држава.  Дополнително, во оваа набавка е предвидено одржување на возилото во период од 5 години. За набавката на ова возило се предвидени 1,4 милиони евра без ДДВ или 1,7 милиони евра со ДДВ, објасни Симоновски.

Градоначалникот Шилегов денеска се обрати до Државната комисија за спречување на корупцијата со барање за испитување на наводните сомнежи за постоење корупција и судир на интереси при реализација на набавката на специјализираното возило – противпожарна скала, која претставува единствена опрема од ваков тип на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

– Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК,преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала – истакна градоначалникот Шилегов.

Пред неколку месеци скопските пожарникари протестираа затоа што Градот не сакаше да им го исплати надоместокот за опасност при работа, иако за тоа имаа добиено судска пресуда. По неколкудневното натегање, Градот и пожарникарите постигнаа договор за со кој исплатата на надоместокот за опасност ќе им биде исплатуван заедно со платите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот