Заобиколен претседател

Го сакам Илинден и поради дедо ми Андон и баба ми Марија, двајцата со Илинденски споменици, поради нив отсекогаш сум сакал да слушнам и да прочитам збор-два повеќе за ВМРО. На некои други телевизии видовме и чувме реакција на министерот Дамјан Манчевски за пораките од говорот на Ѓорѓе Иванов, за изјавата на министерот немаше простор во ТВ  дневник 2, најверојатно поради критичката оценка за 40-минутната последна претседателска беседа на Иванов на Мечкин Камен

454
Атанас Костовски

Го сакам Илинден, долго време бев убеден дека 2 август ми е роденден. Кога мајка ќе ти го  рече тоа – тоа е тоа, ама изводот од книгата на родените на Кралството СХС  запишало дека глас сум пуштил ден порано, на 1 август 1938 година.

Го сакам Илинден и поради дедо ми Андон и баба ми Марија, двајцата со Илинденски споменици, поради нив отсекогаш сум сакал да слушнам и да прочитам збор-два повеќе за ВМРО. Без додавката, се разбира. Ја сакам и телевизијата, од 40 години работен стаж, поминав во ТВС или МТВ дури 37 години. 115 години по Илинденското востание, овој 2 август 2018 година, решив да го поминам со програмата на МТВ, со помош на сликата и тонот да бидам и во Скопје, во Пелинце и во  Крушево. По Светското фудбалско првенство во Русија сè почесто го гледам „производот“ на новата генерација телевизиски ентузијасти. Да, покрај знаењето, професионалноста и талентот, треба многу мерак да се има во работата зашто, сепак, телевизијата е тимска работа.

 

Оставки во МТВ

 

Признавам, го пишувам ова речиси една недела потоа – МТВ ми го расипа празнувањето! Го одгледав комбинираниот пренос, ги слушнав гостите во студиото, на крајот, за да го заокружам впечатокот, го гледав дури и  Дневникот2 во 19.30! Тоа беше врв, по кој првонапишаните од јавната шпица, плус генералниот менаџер, треба да си понудат оставки! Уште во текот на денот од СДСМ реагираа дека „националниот јавен сервис МТВ на големиот државен празник 2 Август, Денот на Републиката, емитуваше програма преку која упатуваше пораки спротивни на националните стратешки интереси на Република Македонија“. Реакцијата на СДСМ доби „само“ 25 секунди, но затоа одговорот на  раководството на МТВ беше сместено во 60 секунди! Си можат, па тие се газди на Јавниот сервис, зарем не? Нападот е најдобра одбрана, првиот програмски сервис на МТВ реакцијата  на СДСМ ја оцени како директен притисок врз нејзиното работење и во иднина ќе реагираат на неоснованите обвинувања, без разлика од која страна доаѓаат, дали од власта или од опозицијата, зашто „изнесените ставови на присутните гости во студиото, кои беа единствените што ја прифатија поканата за учество на емисијата, се нивни лични ставови“. Минутажата  во Дневникот 2 на говорниците на денот беше избалансирана, математички прецизна, како што би рекол лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, Ѓорѓе Иванов (2 минути и 32 секунди), Зоран Заев (1,58), Таљат Џафери (1,32), Христијан Мицкоски (1,15)… Беа пласирани и триесетина секунди за инцидентот на Мечкин Камен, каде што беа исвиркани странските дипломати и делегацијата на Владата на РМ и беше  искажан говор на омраза на дел од присутните на прославата, но затоа ни една секунда реакција од градоначалникот на Крушево Томе Христовски!  Ниту пак од соопштението на Општина Крушево, во кое се истакнува дека „сите оние кои на овој свет ден сеат омраза и навреди врз своите сограѓани се срам за илинденците и го сквернават овој голем празник“. На некои други телевизии видовме и чувме реакција на министерот Дамјан Манчевски за пораките од говорот на Ѓорѓе Иванов, за изјавата на министерот немаше простор во   Дневник 2, најверојатно поради критичката оценка за 40-минутната последна претседателска беседа на Иванов на Мечкин Камен.

 

Лошо напишаниот говор на Иванов

 

На телевизијата постои непишано правило, предност има сликата, добро е ако коментаторот успева да ја надополни и со некој збор, да ја доближи повпечатливо до гледачот. По говорот на Мечкин Камен,  камерата го следеше враќањето на претседателот Ѓорѓе Иванов кај гостите. Се слушаше аплауз, но  на телевизијата во тој момент се гледаше само сопругата на претседателот,  госпоѓа Маја Иванова, како станата аплаудира, а сите други од првиот ред, десно и лево од претседателската двојка, како мирно седат!  Веројатно таму на левото крило и Влатко Ѓорчев беше станат и аплаудираше, на ТВ пред тоа беше прикажан како ја пее државната химна на почетокот на прославата.

Требаше трпение да се ислуша до крај говорот на Иванов. Очигледно дека говорот му го напишале, лошо го „изговори“ напишаното, а реченицата дека „предмалку овдеспоменатиот Петре М. Андреевски“, само потврдува дека сите  „изрецитирани мисли“, на официјалниот водител и на претседателот, се од ист/и автор/и. Прашање е само, се разбира, каде седат тие, на Водно, или пак  во Белата куќа? По она УРААА, неколкупати  извикувано од официјалниот водител на Мечкин Камен, може да се претпостави каде седеле писателите… Најупотребуван збор на Иванов на Мечкин Камен беше „лага“, слушајќи го говорот добив впечаток дека „ако Зоран Заев каже дека два и два се четири“,  мирно, ама баш ни образ ниту веѓа да му трепне, Ѓорѓе Иванов кусо ќе одговори – тоа е лага! Се жалеше дека актуелната власт го „заобиколила“ при договорот со Грција, ги спомена и поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски , по добро, како да сакаше да се допадне некому, го заборави само „комуњарот“ Бранко Црвенковски. Ќе добиеше можеби и аплауз ако се сетеше на изјавата на досега најдобриот македонски амбасадор во Бугарија, Абдурахман Алити, мислам во „Актуел“ или „Фокус“ беше, „сум имал со него и недоразбирања, ама Црвенковски секогаш бил на страната на државните интереси на Македонија“. На Мечкин Камен, како никогаш досега, професорот политичар на заминување Ѓорѓе Иванов потврди дека е претседател само на приврзаниците на една политичка партија. Спомена дека пред 115 години Гоце Делчев не бил за востание, за сенароден бунт на 2 август 1903 година, Даме Груев велел дека народот е подготвен, но денеска ги славиме и едниот и другиот! Не рече, а можеби мислеше, ете јас Ѓорѓе Иванов сум против договорот со Грција, Зоран Заев е за, а утре, по 115 години, веројатно и двајцата ќе нè слават! Претседателе, едно е сигурно, тоа утре сега  со недели и месеци се брои!

Претседателот со својот „непразничен“ говор, сепак е на третото место во програмското разочарување на МТВ! Првото и второто место заеднички го делат гостите што „единствени“ ја прифатија поканата на МТВ, докторите по историски науки Наташа Котлар и Михајло Миневски. Облечени во ист партиски дрес, нивна научна „мисла“ беше констатацијата дека членството на Македонија во НАТО и во ЕУ е определба само на една партиска структура (актуелната владина коалиција предводена од СДСМ), а не како генерациски избор на сите граѓани на Македонија. Врв на нивната професионална „избаланасираност“ е коментарот на  професорката Котлар на Фејсбук: „По повод заедничкото учество со професорот Миновски во пригодната емисија за Илинден на МТВ, ќе одговорам со парафразирање на една позната мисла: Пукајте, ние и сега држиме историски час! Честит Илинден, Македонија вечна!“

Благодарам професорке од вакви часови, од Вас, но и од јавниот сервис, ако воопшто ние во Македонија го имаме, зарем не?