Заеднички пат на Македонците и на Грците преку границите на нивните умови

Да, убеден сум дека, ако силно посакуваме и работиме на тоа, на крајот од патот е Република Македонија. Но, не како измама од наша страна, туку како еден процес на очовечување и цивилизирање на балканските народи, нивните политичари и нивните истории.

1005
Фото: Плусинфо

Герд Аренс, германскиот посредник во конфликтите во Југославија и пријател на Македонија уште од негови студентски денови, ми раскажува како одговорил на упорните жалопојки на Тадиќ за тоа како, спротивно на меѓународното право, Косово е отцепено од Србија и окупирано од Западните сили. Во обид да го соочи со реалноста, Аренс, во еден момент, му  вели на српскиот претседател: добро, да земеме една хипотетичка ситуација, Западот да прогласи брзо и целосно повлекување на своите војски од Косово, што ќе правите вие? На тоа застрашувачко сценарио полно со крвопролевање, Тадиќ немал одговор.

Се сетив на овој разговор читајќи ги зборовите на водачот на македонската опозиција пред Собраните, во кое завршува процедурата на прифаќањето на Преспанскиот договор. Мицковски вели дека тој и партијата нема да дадат легитимитет на насилното и, вон од демократските процедури, менување на уставот и дека  промените немаат легитимитет од граѓаните. Како што разбирам, тоа ќе биде политиката на ВМРО-ДПМНЕ во годините што следат. Но, Мицковски може уште денес да се подготвува како ќе одговори на хипотетичкото прашање од некој Западен соговорник: замислете дека не постои Преспанскиот договор, дека целото влијание на САД и на ЕУ е повлечено од Македонија и замислете дека сте на власт, што ќе правите вие?

За жал, ваква прилика каква што и се укажува на водството и на партијата на македонските националисти, се чини, не се пропушта. Раководени од инстинктот за освојување на власта, а не од разумот кој налага умерено поведение, оваа политичка гарнитура продолжува по стариот пат. Тоа е патот кој и во победите гледа пораз на Македонија. И како што во 1993 не знаевме да се обединиме и да ја прославиме големата победа на Македонија која, по мирен пат, стана членка на ОН, туку дваесет и шест години го „славивме“ поразот на Поранешна југословенска Република Македонија, сега, на почетокот од 2019 го правиме истото. Наместо  да се обединиме и да го прославиме историскиот договор со кој нашата држава, конечно, му се приклучува на модерниот свет, ние повторно зборуваме за пораз на Република Северна Македонија. Малкумина разбираат дека, во реалната светска политика, дури и патот до Република Македонија може да оди преку Поранешна Југословенска Република Македонија и Северна Македонија. Имено, во политиката, домашната и меѓународната, најкусиот пат меѓу две точки не е правата линија.

Да, убеден сум дека, ако силно посакуваме и работиме на тоа, на крајот од патот е Република Македонија. Но, не како измама од наша страна, туку како еден процес на очовечување и цивилизирање на балканските народи, нивните политичари  и нивните истории. Тие истории се погрешно пишувани: како никој друг да не живеел покрај нив и како само нивниот народ да страдал. Историчарите, пак, не се трагачи по објективната историска вистина туку борци за националната кауза. Во таква духовна клима, работите се секогаш – тие или ние. Работите, сепак, се менуваат. Ако продолжиме да чекориме напред кон Европа која поинаку ја доживува историјата зашто споделува поинакви вредности, сите нас на Балканот не чека едено ново видување за себеси и за нашите истории. Тоа го знам од сопствениот пат кој сум го поминал, но и од делата на сите либерални мислители на Балканот и нивните интерпретации на историите на нивните народи. Тоа е иднината. Знам дека тогаш, ослободени од прангите на нашите национализми, и на Грците ќе им биде чест што еден млад словенски народ одбрал да се нарекува македонски, а својата држава Македонија. Но, за да стасаме до таму, не чека тежок пат преку границите на нашите умови.   (Плусинфо)