За рушвет се потребни двајца

Со оглед на временската рамка, испрашувањата можеби траеја и кратко, но лесно елиминираа лица кои, во некои претходни времиња, без проблем ќе беа избрани за антикорупцискиот ангажман.

958

Начинот на изборот на новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата е нов, позитивен преседан во македонската демократија. До него се дојде после долги месеци дискусија за новите законски решенија со кои се овозможи ваквата постапка, со важно учество на цивилниот сектор во државава и во креирањето на законските решенија и во самиот избор на новите антикорупционери – под претпоставка дека првите седум селектирани навистина и ќе бидат потврдени во понатамошната собраниска процедура.

Најголем дел од тие седуммина не ги познавам. Но, составот, некако, е добро стручно избалансиран: двајца искусни антикорупциски административци, двајца ревизори, двајца од локалната самоуправа и еден новинар; дополнително, три жени, четворица мажи; а и етнички Албанци на број…

Првиот на списокот ги има освоено сите можни сто бода – ете го новиот претседател на Комисијата!

Како што се виде, ваквиот транспарентен конкурс, а потоа и начинот на селекција на кандидатите по пат на бодувања на квалификациите и низ отворените за јавност интервјуа за секој поединечно од шеесетината пријавени, има смисла. Со оглед на временската рамка, испрашувањата можеби траеја и кратко, но лесно елиминираа лица кои, во некои претходни времиња, без проблем ќе беа избрани за антикорупцискиот ангажман. Она што во јавната постапка за повеќемина претставуваше причина за оправдана елиминација, во скриените партиски кадровски процедури, подалеку од очите на јавноста, веројатно би била препорака за избор.

Оти, да бидеме искрени: во која партиска селекција во ДКСК, на пример, би се препорачале двајца долгогодишни експерти од самата антикорупциска комисија и двајца ревизори? Напротив, за претпоставка е дека низ мистичните, лојалистички партиски кадровски инки и сита тој вид на квалификувани кандидати би биле првите – со гадење! – за фрлање в корпа.

Друго е прашањето што квалификациите и искуството не се единствените важни критериуми за вршење на оваа предизвикувачка работа. Низ годините што следуваат ќе треба да го провериме и декларираниот интегритет на избраните, но и нивниот ентузијазам и издржливост да не попуштат пред притисоците за „ловење“ корумпирани мали и големи јавни и државни функционери. Низ годините што поминаа, ниту еден – и со бројка: 0 – од повисоки функционери во Македонија не одговарал за своето работење низ постапките на Антикорупциска. Затоа, меѓу другото, и дојдовме до таму каде што сме во катастрофалната состојба со перцепциите за нивото на корупцијата во најшироката јавност.

Можеби меѓу селектираните нови антикорупционери недостасува и еден психијатар, или барем социјален психолог, ако не и бајачка, со оглед на тоа што овде корупцијата е станата дел од општиот менталитет, белег на националната култура – впрочем, за рушвет се секогаш потребни двајца!

А кога на времето, половина сериозен, се пошегував дека е подобро, наместо да го гониме, рушветот да го озакониме, а потоа и да го оданочиме, некои пријатели ме посоветуваа дека така, ако сака државата од тоа да направи сериозен приход, ќе треба во секој конкурс за вработување во јавната администрација да се додадат критериуми за потребното ниво на корумпираност на кандидатите; на тоа да се предвиди постапка и за второстепена комисија за жалби, а во неа да седат најкорумпираните службеници од кои ќе се наплаќа највисока даночна стапка за корупција… Па ќе се озаконат и јавно истакнати ценовници: услугата чини толку, а рушветот за неа е волку.

Некој злобно додаде дека ако така се уреди целата таа „материја“, кадрите на ДУИ ќе добијат доживотни функции, во која било идна македонска влада. Со тоа што и кога нема да испорачаат услуга, рушветот ќе биде задолжителен за наплата.

Цивилмедија