Весниците – како кометите!

446

Колку неказнети помори доживеа нашето национално новинарство? На рафтовите на нашите киосци, многу празни места. Добро би стоел црн флор.

Пишува Бошко Нацевски

Кај нас, весниците се како кометите. Ќе се појават, ќе блеснат и ќе профучат. Потоа згаснуваат. Исчезнуваат. И нормално е да се запрашаш – каде е дефектот?

Раѓањето на еден весник, дневен, неделен или месечник, има своја предисторија и свои специфични породилни маки. Ќе се појави како пеленаче. Му се радуваат, го негуваат. Проодува. Расте. Тие што му вдахнале душа, му внедриле живот, и ноќе бдеат над него. Секој нов ден за весникот е ново раѓање. За новинарите – ново пораѓање.

Гламјосани и пеплосани

Ќе ги спомнам само оние што во мигов ги помнам. Единство, Журнал, Млад Борец, Стопански весник, Екран, Починка, Бирлик, Флака е влазерими, Комунист, Старт, Македонија денес, Котелец, Време, Шпиц, Утрински весник, Дневник, Вест… Неправда е ако не ги спомнеме и оние педесетина фабрички весници и општински радио станици кои заминаа во неврат.

Ќе прашаш – каде се денес тие и уште многу други? И секако, кој ги стави на клада? Кој ги гламјоса и пеплоса? Ќе речеш – човекот. Не, поправедно – нечовекот.
Меѓу нас има подоста масовни убијци. Колку неказнети помори забележа нашата национална журналистика.

Да не надуваме балони за тоа дека новинарството, кое кај нас одамна почна да диши на шкрги, во други, поцивилизирани средини, има статус на култна професија. Сериозна, длабокомисловна, одговорна. На рафтовите на нашите киосци, многу празни места. Добро би стоел црн флор.

Безгранична иронија

Не беше тоа така одамна, кога таа „штура, декадентна, комуњарска“ држава, изгради петнаесеткатен дом на печатот, кој пред една деценија го окупираа министерски чиновничиња, чии лакирани чевлиња се вселија во некогашните новинарски работилници. И облакодер за Радиото и Телевизијата. Едно парче градско зеленило во епицентралното подрачје го нарекоа ,,Парк на новинарите”.

Но, нашата иронија е безгранична. Новинарите како да ги снема. Како да спласна нивниот професионален пркос. Остана тоа обележје како градска одредница, би се рекло, за потсмев на една култна професија, која никако да се искачи во горниот дел на барометарот, кој ги мери нашите општествени вредности.

Таму каде што е забранет влез во редакциите на криминалци, монструми, дебилци и апаши, од калибарот на нашите, новинарските артикли имаат долг век на траење. Не згаснуваат како кометите и не заминуваат во историјата на заборавот.