Велес виа Скопје

Се случувало во една иста вечер да ми продаде чоколадо во некое од кафулињата на кејот на Вардар, за неколку часови да ми шитне влажни марамчиња во Лептокарија, па на крајот да ми утрапи и балон на Боемска улица. Едноставно, детулето е неуморно исто колку што е паметно.

538

Сигурно сте го забележале она мало тркалезно детенце кое е спремно да ви ги издрдори и најубавите комплименти на светот само за да ви навлезе под кожа и така да заработи некој денар. Замисли, еднаш ми има кажано дека премногу го потсетувам на Дејвид Бекам.

– А ти знаеш кој е Дејвид Бекам и како изгледа? – го прашав кикотејќи се.
– Да бе, батко, фудбалерот, ист како тебе – ми рече ко од пушка, за потоа, срамежливо да ми шепне на уво дека познава само двајца фудбалери – Бекам и Роналдињо – но дека името на овој вториов обично го користи за да им додели комплимент на „црномањестите“ клиенти, додека, пак, Бекам му е резервиран за „белците“ како мене. Чешит е детево.

Се случувало во една иста вечер да ми продаде чоколадо во некое од кафулињата на кејот на Вардар, за неколку часови да ми шитне влажни марамчиња во Лептокарија, па на крајот да ми утрапи и балон на Боемска улица. Едноставно, детулево е неуморно исто колку што е паметно, а што е најинтересно – на неговите прекрасни 11 години умее подобро да се изразува од стотина македонски поети. Ти го завртува умот, бре, и ич око не му трепнува. Си го бива во занаетот. Но, она што мене ме загрижува е тоа што вчера повторно го сретнав, доцна вечерта, ама во Велес.

Од некаде се појави во кафичот каде што бев седнат и ми ги понуди истите оние чоколада со вкус на јагода.

– Млад господине, јас длабоко се извинувам што ви пречам во уживањето, но дали можам да ви поставам едно прашање? – ми се обрати.
– А бе, што правиш ти тука? Нели си од Скопје? – му возвраќам.
И одеднаш се сепна. Се здрви.
– Ама јас… јас дојдов да работам – ми вели.
– Со кого си дојден? Каде ќе спиеш вечерва? Како ќе си одиш дома? – го прашувам.
– Дојден сум со брат ми… Често доаѓам тука. Вчера бев во Штип. Ќе купиш чоколадо? На тебе ќе ти го дадам за 20 денари – ми вели.
– Ќе купам чоколадо, ама кажи ми како ќе си одиш дома.
– Па со комбе. Како и секој ден. Ај сега купи едно чоколадо. Смеам ли да ти кажам дека премногу наликуваш на Бекам? – ја репетираше способноста за делење комплименти.
– Со какво комбе? Кој го управува комбето? – настојувам.
– Добро, јас морам да одам. Чао! – истрча надвор.

По неколку минути, ете го брат му како влегува во истото кафуле со истите чоколади. Слабичко дете на 12-13 години. Веднаш го препознав по тоа што му фали еден преден заб. Еднаш го имам зафркавано во Скопје дека би можел да се вработи како кондуктер во воз и со забот да ги поништува билетите на патниците. Мислам дека не ми ја сфати шегата.

– Здраво батко, дали ќе купиш едно чоколадо? – ми вели.
– Ако ми кажеш со какво комбе сте дојдени во Велес и кој ве донесе тука – му возвраќам.

Се замисли. Не очекуваше такво прашање. Стоеше некое време и молчеше. Одеднаш се сврте и истрча по стапките на брат му.

Нешто овде многу смрди, си коментирам сам со себе. Кога, ете, доаѓа келнерот.

– Извини, ама ти го слушнав разговорот со децава. Сакам да ти кажам дека секој втор ден се тука. Ги носат од Скопје со комбе и ги тераат да просат по кафулињата. И не се само овие две. Ги има десетина деца – ми вели.
– А кој ги носи? – останав запрепастен.
– Па не знам кој ги носи, ама некој ги носи. Секое утро ги оставаат кај гимназијата и вечерта повторно таму ги чекаат.
– Ох, Боже – проговорив.