Цената на прстот

Цената на прстот

Земањето на Амди во реформската коалиција е уште еден среден прст покажан кон сите што од неа очекуваат подобро утре.

218
SHARE

Пишува

Жарко Јорданоски

 

Цената што Заев ја плаќа со земањето на Амди Бајрам во коалиција, без оглед за што е, превисока е. Истиот Амди што покажуваше среден прст на демонстрантите пред Собранието на „црниот понеделник“, што носеше зајаци, моркови и кафези да го исмева Заев и му пророкуваше брз погреб, сега треба да биде дел од коалицијата што ќе ја реформира државата и ќе ја приближува до НАТО и ЕУ.

Искрен и простодушен до безобразлук, како што го дал Господ, Амди изјави дека видел оти бродот на ВМРО-ДПМНЕ тоне, па му се извинил на Заев и се договорил за партнерство. Но неговиот среден  прст и неговите навреди не беа само кон Заев, туку кон сите што се бореа за соборување на режимот на Груевски, а нив не чувме дека некогаш им се извинил. Земањето на Амди во реформската коалиција е уште еден среден прст покажан кон сите што од неа очекуваат подобро утре.

Штапците што се вечно на мртва стража над секоја одлука на Заев, колку и да е погрешна, се уверени дека Амди е „цената што мора да ја платиме“ за да ни се отвори патот кон ЕУ. Не гледаат дека со збирањето на амдиевци, шаќировци и други драгиши, ние одиме вртоглаво во спротивна насока од ЕУ и НАТО, а не кон нив. Кој не сфаќа дека ние треба да се научиме на принципи и манири во политиката, барем елементарни, тој џабе чека „членска книшка“ од НАТО и ЕУ. Разликата е иста како да имаш вистинска диплома и купена.

Оние, пак, што се корзираат со умот дека, сите сме биле „бајрами“ (знаат по себе), што спинуваат дека Амди е нужно зло за да се зајакне парламентарното мнозинство со некој глас плус, во пресрет на крупни одлуки, да ги потсетам дека Амди „на суво не крека“ односно не крева два прста. Мора да биде мрсно подмачкан. Со народни пари, разбира се, оти не може поинаку. Така функционираше и на претходниот „брод“ така и на овој. Во спротивно, крева само еден. Среден.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY