Трошки

Трошки

154
SHARE
Златко Теодосиевски
Златко Теодосиевски

Базичните принципи во Скопје останале исти – парите да се распрчкаат на што поголем број корисници, со идеја дека така нема да бидат презадоволни, ама нема ни да се чувствуваат онеправдани.

Пишува Златко Теодосиевски

Така некако – како насловот – би можел да се нарече актуелниот миг во македонската култура, односно овој месец февруари кој (традиционално) се претвори во месец со кој всушност започнува културната година, заради простиот факт што токму тогаш се објавуваат резултатите од распределбата на државниот и градскиот (скопскиот) културен колач. Не знам зошто сè уште мислиме како пуфлана дека годината започнува во февруари? Не можеме ли нештата околу тие конкурси малку да ги забрзаме па резултатите – т.е. (сè уште) трошките што им се даваат на културните корисници – да им ги соопштиме на 31 декември? Или на 1 јануари, па секој да знае дали во годината ќе остане (комплетно) гладен или ќе добие некоја дребулија со што ќе си го залажува системот за варење?

Се разбира, со оваа констатација не се побивам себеси во однос на претходните текстови, кога пишував за оние „културопомазани“ од нечија рака што добиваат сè што ќе посакаат. Таквите се сепак малку. Ама – ги има! Што и не е така лошо. Секогаш таквите ја потврдуваат тезата дека во културата има(ло) пари, ама не за сите. Но и не само таа теза. Ја потврдуваат и старата изрека дека пари има ама треба да се знае како да се земат. А оние малкумина изгледа го имаат клучот, или рецептот. Играат како мечки кај сите власти. Иако мислевме дека сега ќе биде – поинаку!

Секому по малку

И ако јас, поради некаква пристојност, или можен конфликт на интереси (што нема врска, нели, ама ајде) не треба да ја коментирам националната програма во културата за оваа година, ништо не ме обврзува да (пре)молчам во однос на т.н. градска програма! Или, ако кажам дека нема некоја голема разлика, ќе бидам ли непристоен? Којзнае!?

Како и да е, во однос на распределбата на средствата во културата, очигледно е дека некои базични принципи во Скопје останале исти. На пример, парите – не баш така мали – да се распрчкаат на што поголем број корисници според принципот секому по малку, веројатно со идеја дека така сите нема да бидат презадоволни, ама нема ни да се чувствуваат онеправдани. Па така, ако сте направиле некаква своја (релативно реална) буџетска проекција и сте побарале, на пример, 300.000 денари, „великодушно“ ќе ви дадат 60.000 денари! И што да правите со тие пари? Можете да се сликате, ама бидејќи културњаците во принцип се тврдоглави, ќе се обидете да рационализирате, да питачите, да кратите… и сепак нешто да направите и за тие бедни 20 отсто што некој се смилувал да ви ги даде. И околу таа сума се вртат поголемиот број финансирани проекти. Или, на еден познат скопски филмски фестивал му даваат „цели“ 100.000 денари! Бреее, биле широкораки. Никако не научивме дека во културата не важи минималистичкиот принцип „помалку е повеќе“, барем не во однос на квалитетот. Не важи ни обратниот принцип: дека „повеќе е подобро“ ако е применет во однос на бројот на корисниците. Зашто тој принцип што форсира квантитет а не квалитет упатува на отсуство на стандарди и критериуми во финансирањето. И неумеење да се определи што е вистински квалитет. И приоритет!

Сивилото на распределбата

Па така, од минимум до максимум, ама пари ќе добие и една гимназија за некаква „Завршна изложба на учениците од меѓународна матура“, па самостоен уметник за ТВ-емисија (?), па неизбежниот „ИКОН“ (како игра со сите власти, да се чудиш!) за само една изложба колку и спомнатиот филмски фестивал, ама затоа Интернационалниот стрип салон „Скопска стрип акција 2018“ ќе добие мочани 20.000 денари, па ќе видите дека ОСТЕН одеднаш се претворил во водечка македонска институција за ликовна „уметност“, итн. Или, дури, некому му текнало да го спои неспоивото – на пример Родољуб Анастасов и Илија Аџиевски во графичка мапа – и за тоа се нашол некој да му даде дури 150.000 денари! Тоест цели 50 отсто повеќе од парите за еден меѓународен филмски фестивал, или седум пати повеќе од Интернационалниот стрип салон!

Ама не е сè баш така црно – добро, не е токму црно, ама сиво сигурно е, што повторно не е добро – зашто меѓу корисниците има и такви ајкули што пливаат грбно со сите идеологии, со сите власти, со сите „стандарди“ и „критериуми“. (Добро, не се баш ајкули, повеќе личат на крапови и мирисаат на тиња, ама нејсе). И секогаш се – приоритет (како веќе спомнатиот „прочуен“ ИКОН). Или, на пример, фамозната Дирекција за култура и уметност (онаа истата што со манипулации отиде дури во Венеција!) која со едномесечна работа живее цела година; па „џезерон“ на пуфлата, кој така здушно ги поддржуваше нејзините културни акробации се офајдил со цели 700.000 денари; па пак Милчо „национале“, овој пат со книга фотографии, зашто тој, нели, е (покрај другото) и најдобриот македонски фотограф; па повторно „неодминливиот“ Омер Калеши со којзнае која по ред изложба во изминативе години итн., итн.

Во кафе-муабетите луѓето коментираат дека барем сега, кога ги нема повеќето од оние преваранти на злосторничконо здружение и нивните договори во културата, (сепак) се надевале на нешто повеќе од трошките од буџетскиот колач. Добро, и трошките заситуваат кога си гладен. Ама не можеш цел живот на трошки. А други – на скара и колачи! Секој ден, секој месец, секоја година. Па има ли доста, некогаш, (и) за таквите? Иако, всушност, и нивниот дел не е којзнае колку голем зашто и тие се потонати во општото сивило на „распределбата“ според (сè уште) квазисоцијалистичкиот модел: секому по малку, некому повеќе.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY