Така говореше Курчо

692

Во предвечерјето на распадот на Југославија, кога на речиси секој просечен Македонец ама баш ништо не му беше јасно, јас имав 13 години и можам да посведочам дека барем во мојата средина владееше атмосфера на страв, неизвесност и опојни мириси предизвикани од напади на блага паника.

Сите знаеја дека нешто ќе се промени, ама никој не знаеше што. Југославија ќе се распадне, можеби само ќе се скрати, а можеби и Македонија ќе стане самостојна? Од овие прашања многумина го губеа сонот.

Уште потешко им беше на припадниците на мојата генерација, бидејќи ние веќе не бевме мали деца за спокојно да си свиркаме во услови кога војната се вгнездуваше на посторите од заедничката држава, а не бевме ниту мудри и доволно писмени за самите да пронајдеме некаков одговор. Во периодот од животот кога со ист интензитет те привлекуваат и цртани филмови и порно и кога ненадејно во грлото ти се создава кнедла ама баш секој пат кога во пресрет ќе ти излезе некоја маалска девојка, машките деца се едноставно глупи. Без претерување би додал и дека се многу глупи, односно проблематичниот хемиско-физички однос во телото предизвикан од пубертетот ги прави да бидат такви.

Е баш во тоа време во мое маало живееше еден колоритен лик, кого сите го викаа по прекар. Добро, прекарот му беше Курчо, ама тоа воопшто не содејствуваше со неговиот физикус. Курчо беше една грамада од над 100 килограми, со невообичаено длабок глас и вродена сигурност во движењата.

За него се прераскажуваа голем број легенди, но за да скратам, во овој текст ќе се задржам само на фактот дека тој беше многу паметен. О да, Курчо знаеше да држи беседи пред 20 или 30 деца и без око да му трепне елоквентно знаеше да ја објасни ситуацијата во која спадна Македонија.

– Шо кур сте се исплашиле бе вие – знаеше да ни подвикне Курчо – па Македонија ќе стане независна, суверена и просперитетна држава. Со свое знаме, грб, химна и фудбалска репрезентација. Може во прво време репрезентацијата нема да биде добра, ама ќе биде наша.

Со часови Курчо зборуваше за тоа каква ќе биде македонската економија, која во моментов е заснована на извоз на суровини и полупроизводи и дека тоа комплетно ќе се смени кога ќе станеме самостојни. Тој во занес ја предвиде и нашата нова валута, самостојното државно раководство, кое со особен интерес ќе се грижи за дијаспората од каде што пристигнуваат пораки за храброст и решителност.

О, како паметно ни изгледаше Курчо кога пророчки ни говореше за нашата национална армија, која ќе ги прими сите оние што во тој момент се криеја од воената полиција на ЈНА.

Многу интересно е што сите овие работи што ги предвиде Курчо се остварија, а сосема друга работа е што тоа воошто не биле негови предвидувања, туку на Љубчо Георгиевски, во тоа немирно време лидер на штотуку формираната политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Не помина долго време за да сфатам дека тоа што наутро го говореше Љубчо, попладнето го прераскажуваше Курчо. И тоа доста ме потресе, бидејќи мислев Курчо е баш онака природно паметен, но испадна дека тој е некаков маалски портпарол на Љубчо.

Нормално дека со времето такви и случни курчовци се размножија по селата и градовите, обесмислувајќи ја политичката дебата меѓу граѓаните до тој степен, што главна тема во овие модерни немирни времиња е количеството на кокаин во крвта на Дарко Лазиќ и автентичноста на бемката, лоцирана во непосредна близина на дундата на Јелена Карлеуша.

Курчо и на него блиските партиски мегафони се всушност никулците на сеопштата згаденост од политика кај граѓанството, кое решава доброволно своите мозоци да ги остави на чување кај таблоидите и синхронизираните турски серии, наместо сериозно да размисли за некој од предизвиците, што во моментов се надвиснуваат врз нашата Македонија.

Интересна работа за Курчо е што потоа стана истакнат член на локалниот одбор на СДСМ, а во времето на Никола Груевски доби доверба да директорува со јавно претпријатие. Храбро, смело и курчевито.