Колумни

Светско си е светско

Атанас Костовски

Пишува: Атанас Костовски

И, конечно, пристигна и тој ден – четврток 14 јуни 2018 година, почеток на 21. Светско фудбалско првенство. Сите патишта водат кон Русија и – крај телевизиските екрани! Фудбалот искрено се сака, а кога на срце ви лежи националниот тим, тогаш сè е можно!

Денеска на стадионот „Лужники“ во Москва веројатно нема да биде Агустина Маура, 24-годишната Аргентинка, таа  по два дена ќе се појави на трибините на стадионот „Спартак“ во Москва, да навива за Меси и другарите против Исланд. Нејзиниот подвиг, со самозаработени 500 долари и автостоп и евтин авиолет од Буенос Аирес до Копенхаген е читлива мундијалска приказна. Спиејќи кај добронамерни луѓе  со кои претходно  се „спријателила“ преку социјалните мрежи и патем продавајќи сувенири што самата ги изработила, таа ете допешачи до светскиот настан бр. 1 за да  го бодри Лионел Меси во освојувањето на она што единствено му недостасува – мундијалското злато!

Во право е италијанскиот фудбалски ас Андреа Пирло кога вели: „Меси може да се споредува со Марадона само ако освои светска титула!“ Но тешко е ова да го оствари и овој пат, па сè е едноставно против него и Аргентина! Впрочем, читајте: уште од 1938 година ниту една земја немала во исто време папа (актуелниот католички поглавар Франциско е Аргентинец) и светски фудбалски првак! Аргентина е една од најрелигиозните земји во светот, тоа го потврдува и потегот на селекторот Билјрдо, кој пред СП 1986 година во Мексико ги поведол Марадона и другите фудбалери во црквата во Хухи (каде биле на подготовки) да побараат помош од „Севишниот“ во освојувањето на шампионската титула. Можеби Господ-бог му прегледа низ прсти на Марадона при оној гол со рака против Англија, но не и на ветувањето на селекторот Билјардо дека ќе се вратат во црквата во Хухи ако ја освојат светската титула.

„Гаучосите“ не го исполнија ветувањето, па веќе 32 години чекаат на своето трето мундијалско злато! И уште нешто – ниту еден фудбалер носител на златната топка на ФИФА во годината на одржувањето на СП, така беше со Меси 2010, со Роналдо 2014, сега пак е на ред Меси, не станал и светски шампион… Тоа им се случуваше и на Ди Стефано 1958, Еусебио 1966, Кројф 1974, Румениге 1982, Роналдо (Бразил) 1998, Роналдињо 2006 година…

Единствена шанса на Аргентинците е проклетството на водечката репрезентација од ранг-листа на ФИФА, по нејзиното воведување, никогаш не станала и светски првак! Значи, официјалните светски прваци Германија, кои во моментот се први, пред Бразил и Шпанија, Аргентина е петта, според оваа традиција се далеку од првото место. Впрочем, во Англија според „паметниот компјутер“ завршницата ќе изгледа вака: во полуфиналето ќе играат Бразил-Франција 3:1 и Шпанија-Германија 1:0, фо финалето Бразил –Шпанија 2:1!

По еден месец ќе провериме колку биле добри англиските прогнозери, сега едно е сигурно – коментаторската ТВ-екипа на Би-би-си – Гери Линекер, Франк Лампард, Рио Фердинанд, Јирген Клисман, Дидие Дрогба, Пабло Забалета и најновото засилување Секс Фабрегас, со своите стручни коментари ќе го зголемат испиеното количество пиво во англиските пабови!

На трибините на стадионот „Лушники“ во Москва попладнево од 17 часот кога ќе започне 21. Светско фудбалско првенство со натпреварот меѓу репрезентациите на Русија и на Саудиска Арабија, ќе биде и колегата Мијалче Дургутов. На градите гордо ќе ја носи својата осма акредитација од светските првенства, неговата „приказна“ многу ме потсетува на онаа на аргентинката  Агустина Маура. Којзнае, можеби ќе се сретнат на некоја од средбите на репрезентацијата на Аргентина, имаат шанса веќе по два дена во Москва, во неговиот портал „Скок“ ќе има деновиве интересни, впечатливи мундијалски четива.

Долго се познавам со Мијалче, за првпат го сретнав на СП 1990 година во Италија, знаев колку многу го сака фудбалот, да пишува за случувањата во и околу него, за фудбалските  асови, му посакав, од сесрце да му се множат акредитациите од фудбалските мундијали! Италија 1990 година беше моето петто СП, и јас како и тој, најверојатно најдолго го паметиме првото првенство, за мене беше тоа Англија 1966 година! Не стигнав до микрофонот, којзнае колку од помош им бев на повозрасните колеги Младен Делиќ ( ТВ Загреб) и Владан Стојаковиќ (ТВ Белград), освен што навреме во  надвиснатата кабина со натписот ЈРТ под покривот на стариот „Вембли“ во секое време  имаше кафе и кока-кола!

За време на натпреварот во Ливерпул меѓу Бразил-Бугарија кога Пеле беше повреден, на полувремето стигна вест дека Кореја води против Португалија со 3:0! „Мали, ми рече Младен“, подготвувај се, „ако Корејците поминат, ти ќе ги пренесуваш!“ Се разигра Еузебио, Португалија во второто полувреме постигна дури пет гола, на првиот пренос од СП чекав до Минхан 1974 година. Со Младен неицрпни беа муабетите за коментаторската професија, најдолго, 30 дена ја деливме комфорната соба во хотелот „Пјаца“ во Буено Аирес на САП во Аргентина 1978 година. Пред патот за Аргентина, коментаторската екипа на ЈРТ во Белград имаше брифинг во Сојузниот секретаријат за надворешни работи, тука дури бевме распоредени кој со кого ќе биде цимер, јас пак имав дури и обврска  понекогаш и да го кријам корисникот на вториот кревет од собата! Таква беше таа СФРЈ, во Белград знаеја што се случуваше во Буенос Аирес…

Од долгите муабети со Младен, еден непосредно пред финалето Аргентина-Холандија, ми остави посебен впечаток.

„Слушај, Костовски, два часа се подготвувам за финалето, ама јас тоа исто го правам и кога пренесувам и натпревари од рангот на  Дубрава и Подсусед, знаеш јас во овој момент само тоа го работам, можеби тоа е и мојот последен пренос, сеедно кого пренесувам, сакам луѓето да ме запаметат по добро завршената работа!“

Да, искусните секогаш се во право, особено во времето кога не беше во можност да се повика „пријател“, односно интернетот. Со Мијалче станавме и „кумови“, го напишав уводникот во првиот број на неделниот спортски магазин „Скок“, мнозинството од колегите го прифатија мојот предлог за име на новото чедо на НИП „Нова Македонија“. Другарувавме и на СП во САД 1994 и Франција 1998 година, Мијалче и тогаш кога згасна неделникот, а потоа и дневниот спортски весник, остана верен на „Скок“, продолжи со сопствени сили да го одржува во живот електронското издание. Нови работни обврски (државни), но љубовта кон фудбалот и новинарството останаа. Јапонија и Јужна Кореја 2002, па Германија 2006, Јужна Африка  2010, Бразил 2014 , па сега до Русија 2018! Деновите за одмор се подарени на фудбалот, од денес  Мијалче Дургутов е новиот македонски рекордер со 8 непрекинати известувања од светските фудбалски првенства. Мијалче, честито, и нека и натаму ти се множат пропусниците од мундијалските фудбалски собири!

На првенството во Русија ја нема само Италија (4 титули), но тука се Бразил (5), Германија (4), Аргентина (2), Уругвај(2), Англија, Франција и Шпанија со по 1 титула, стручњаците велат дека ќе биде изненадување  ако првенството го освои некоја од преостанатите 24 репрезентации.

На одговорот кој ќе биде најдобар во Русија, остана малку да чекаме, само еден месец!

Придружете ни се Facebook