Субвенционирана држава

460

Не можам да разберам како е можно нашите државни институции упорно и упорно само да субвенционираат работи од кои ние немаме никаков, ама баш никаков ефект.

Пишува Синиша Пекевски

Читајќи кој сè добива субвенции во Македонија од нејзините државни институции, пред да добијам нервен напад, просто ми иде да ги прашам главешиниве: постои ли нешто што не е субвенционирано од државата, некоја индустрија, организација, личност што не зел/а пари од државата? Почнувајќи од политичките партии што добиваат финансиски средства за секој глас добиен на избори, па до пејачи, композитори, писатели, земјоделци итн., итн.

Има ли некој воопшто што не добива пари од државата? Кој е ефектот од сето тоа субвенционирање и има ли воопшто ефект? Дали имаме повеќе демократија? Дали имаме подобри песни што се создадени и имаат интернационален успех? Дали произведуваме повеќе земјоделски производи и повеќе продаваме? Дали извезуваме повеќе производи? Дали повеќе книги се читаат? Дали повеќе посетители има на претставите? Дали имаме подобар имиџ како држава? И, последното и најважно прашање, од каде пари за сево ова да се финансира?

Никаков ефект

Не можам да разберам како е можно нашите државни институции упорно и упорно само да субвенционираат работи од кои ние немаме никаков, ама баш никаков ефект. Државата континуирано се задолжува на финансиските пазари, нашиот долг кон кредиторите постојано расте и никому за тоа не му е гајле. Едноставно, ќе продолжи да се даваат субвенции, ќе продолжи да се спонзорираат настани и личности што се блиски до владејачката гарнитура, етничката припадност не е битна, туку само партиската блискост и сè ќе биде супер. Во меѓувреме во болниците ќе нема доволно лекови, академскиот кадар ќе нема финансиски средства за истражувања, младите генијалци ќе си заминуваат од државата, ќе се организираат настани за донации за лица што боледуваат од тешки болести и за кои се потребни големи средства за лекување и да не зборувам понатака. За крупни и битни работи што живот значат ќе нема, но за партиските миленици и мецени секогаш ќе има пари.

Што е уште пострашно во целата оваа ситуација? Тоа што ова се прави со државни пари, никој од тие што ги доделуваат средствата не посегнува во сопствениот џеб и да донира, спонзорира, и да додели средства, туку посегнува по државната каса за своите мецени или за она што него го прави среќен. Кога малку повеќе ќе излезат од државата и ќе прошетаат со сопствени финансии, не како Аргентинецот со пари на државата, ќе видат дека спортските клубови се финансираат од сопствени средства, продажба на билети, реклами, дресови и слично; дека книги се издаваат од приватни издавачи или филантропи, песни се продуцираат од приватни издавачи или бизнис-ангели, културни настани се спонзорираат од фондации, филантропи и да не зборувам повеќе. Само треба да излезат надвор од Македонија и да видат како функционира реалниот свет, ќе се изненадат негативно. Секако ако при нивно шетање не се заглавени во шопинг центри, ресторани, ноќни клубови, таму сè е убаво.

Сите на државно

И на крај кој го плаќа цехот за сите овие субвенции. Па нормално, бизнис-секторот, оние што воопшто не добиваат субвенции, освен ако не си „странски“ инвеститор, оние што секојдневно мака мачат да продадат повеќе, да намалат трошоци, оние што постојано се оптоварени со контроли од власта, оние што плаќаат даноци, оние на кои постојано им се наметнуваат нови и нови давачки или им се зголемуваат старите. Тие го плаќаат сето она луксузирање на државна сметка.

Пари за претприемачи, претприемачки дух, нови идеи, иновации ќе има на лажиче, колку да се каже. Да не се чудиме зошто никој нормален не сака да остане тука, никој не сака да отвори компанија и да се бори на пазарот, туку сите сакаат да бидат на државни јасли. Држава што има ваква стратегија не треба да се грижи за својата иднина!