Студено е надвор, зарем не?

197
Атанас Костовски

Деновиве нашиот министер за надворешни работи Никола Димитров на поставеното прашање на еден англиски новинар: „Зошто сакате во ЕУ кога ние си одиме“, одговори со малку зборови, а кажа многу: „Вие внатре не знаете колку е студено надвор!“

Јас, пак, ќе додадам и тоа во сите четири годишни времиња, без разлика на надворешните температури. Признавам, во овие три изминати недели, топло-студено, сонце-дожд, имаше можност малку и да се загреам, ама јас едноставно – настинав! Сега дури ми стана појасно дека оваа моја држава и покрај тоа што има повеќе сончеви денови од просекот на ЕУ, во моментот се чувствуваме баш така како што изјави почитуваниот министер Димитров!

Да, ги споменав последниве три недели, еве ме мене пак со старата тема, мислев овој пат да ја насловам, налик на претходните, „Претседателе Селмани, реагирај, молам!“. Да појаснам, станува збор за Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија, сакам едноставно низ овие редови да го замолам да си ги извршува своите обврски што му ги препишува Статутот на ЗНМ. Знам дека претседателот има многу активности деновиве, со членовите на УО прават сè да го забрзаат донесувањето во Собранието на РМ Законот за медиуми, без кој очигледно е забавен и нашиот пат во ЕУ, односно таму каде што  сега е „потопло“. Па сепак, мене и натаму ми е „студено“, никако не можам да разберам зошто речиси и по три недели претседателот на ЗНМ Насер Селмани заборава на член 8 од Статутот  кој му наложува да го „заштитува угледот и достоинството на новинарите и новинарската професија“!

 

Од професорот ниту збор

 

Еве и по третпат потсетувам: на 23 јуни 2018 година во 10 часот и 44 минути докторот по правни науки Димитар Апасиев, професор на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, член на президиумот на политичката партија Левица и активист на „Ленка“ ќе запише: „Дознав дека дел од ‘професионалните’ новинари, кои ве убедуваат да си го смените името, земаат по околу 3.000 евра хонорар месечно. А вие ринтајте за 200 евра плата и гласајте на референдум за да има цензус. Или што би рекол министерот за надворешни: вин-вин ситуација“. #Kеш Си ЕКеш #Илинденска ДоГроП  # Бојкот“.

Се насобраа  денови, еве помина и третата недела, од професорот ни збор! Минатата недела (5 јуни2018) во прилогот на колегата Миомир Серафимовиќ во вестите на ТВ Телма слушнав дека професорот Апасиев е добро и на  поставеното прашање за користење на неговата колумна во заканувачкото писмо до парламентарното мнозинство при повтореното гласање за ратификација на Спогодбата Димитров-Коцијас („Смртните правни пречки пораки кои таканаречениот преспански договор е клинички мртов“), изјавил дека „не е запознат со случајот, не е поврзан на некој начин и дека секој може да споделува негова колумна“.

 

Слободата е неприкосновена

 

Во право е професорот Апасиев, со членот 16 од Уставот на Република Македонија „се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата“, може со говор или напишан текст да се пренесе информација, идеја, мислење или да се прокоментира некоја појава од секојдневниот живот. Токму Членот 16 од Уставот на РМ е „оче наш“ во Кодексот на ЗНМ – слободата на медиумите е неприкосновено право, новинарите ќе ја почитуваат вистината, ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот. Сето тоа, верувам, добро му е  познато на професорот Апасиев, се  разбира и тоа дека „се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање, се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање“.

Да, да, сега ми е многу појасен одговорот на нашиот министер Димитров во Лондон! Угледен професор уште и политички високопрофилиран да дознае информација за корумпираноста на новинарите, а да не ги соопшти нивните имиња, и на крајот и волкот и волците да бидат на број, тоа може само овде и никаде на друго место, барем не на овој Западен Балкан! Таква работа во Лондон не може да се случи, зарем не?

Од професорот Апасиев во минатите два броја настојував,  едноставно молев да се осмели и да ѝ ги соопшти на македонската јавност имињата на новинарите кои, како што веќе еднаш напишав, за еден месец дополнително примаат вкупно „само“ 7-8 мои месечни пензии. Овој пат кусо и ќе го прокоментирам неговото „откритие“ од 23 јуни 2018 година – тоа е смислена закана до сите новинари за нивната професионална ангажираност во овие значајни денови за  македонската држава!

Претседателе Селмани, реагирајте, молам! И меморандум и печат имате, можете барем едно кусо соопштение на осуда да срочите, во името на членството на ЗНМ  побарајте го  од професорот Апасиев списокот на новинарите со дополнителни месечни примања од 3.000 евра. Доколку има ваков список, верувам, ќе биде еднакво интересен за читање и препрочитување и за опозицијата и позицијата.

А што ако нема список? Веројатно, тоа добро го знае докторот по правни науки  Димитар Апасиев, Основното јавно обвинителство може да постапи и по допрен глас, односно напишан текст, зарем не?