Стопанот Стојан А. и Викиликс, кодно име: големо срање

Не постојат заговори, тајни друштва, семоќни служби што контролираат кој во кое време ќе прдне, кога некој ќе стврдне и сè во тој стил. Луѓето, имено, повеќе сакаат луди мистификации отколку банални вистини.

733

Овие денови имав некои приватни, лични обврски, се возев низ нашата татковина, акав низ нашите пространства, Македонија е голема колку што е голема една „месна заедница“ во Токио. Вторник е навечер, еве, се враќам во Кавадарци, а чудата на модерната технологија (ех, море, Германче!) ми овозможуваат да пишувам колумна во автобус, клацкајќи се од централизираното Скопје до локализираното Кавадарци. Ама за што да пишувам од перспектива на патник, а тоа да не биде патопис? Зарем да пишувам за локалните тривијалности (кои живот значат?) или да свртам „малку пошироко“? Тие неизбежно ќе ме пречекаат дома. Немам ниту волја, а ниту сила за тоа, а и „дедлајнот“ опасно се ближи, познавам барем еден трудбеник во „Слободен печат“ што нервозно ќе кружи околу столот, прашувајќи се каде е таа колумна со тој наш проклет колумнист, дотолку понервозен што не му дадов ниту цигара да запали…

Ако овој прв пасус ви личи како „реалити шоу“, ако ви личи на „директен пренос“ на инаку умерено-невозбудливиот живот на еден колумнист-активист (стално се „џапам“ со проклети работи), вие за тоа не сте виновни. Но, зарем не е така „тренди“? Воајерството стана најраширена појава, па со самото тоа стана најлегитимно од сите легитимни мани на животот, то ест, воајерството е „пасивна“ варијанта на она што во „активна“ варијанта се нарекува егзибиционизам. А сè тоа, од двете страни на замислениот рецепциски канал, во главно се сведува на разни форми на симболичко и практично „разголување“: како нешто кое е „скриено“ да го направиме јавно, односно да го направиме општо добро. Само знаете што, за огромно мнозинство „јавното“ не вреди ни „пиздин дим“ (оп. цит. Мандиќ И.). Знам, сакате пример: зарем вас, драг читателу и уште подрага читателке, воопшто ви е грижа каде и кога јас го пишувам овој текст?! Јок, море (оп. цит. Басара С.).

Привидот и вистинската реалност

Бидејќи сте личност со вкус и памет, сигурен сум дека погодувате: нема да пишувам за претенциозно глупавите мемоари на Андов С., ниту ќе пишувам за сведоштвата на нашите наци-битанги што беа штелувани од МВР на 27 април 2017 година, туку, како што забележувам дека и вие забележувате, шифрата e: Викиликс.

Пред некоја минута слушнав на радио дека Викиликс биле главните информатори што преку трети лица ги доставиле мејловите од демократите (вклучително и мејловите на Хилари Клинтон) до Доналд Трамп лично, па демек тоа е главната „цака“ зошто во 2016 година овој ја освоил Белата куќа. Па се појавуваат заговори со безброј следбеници, кои разбираат дека тоа се сивите еминенции што сакаат да ја спинуваат јавноста од своите индискреции. Дури, се појавуваат и обратни теории на заговор: некои злобни и страшни центри на моќ го замајуваат светот со безвредниот и безначаен Викиликс, обидувајќи се да го поништат еден момент на пресврт во космичкото саморазбирање на човечката раса. Што од ова е вистина: Мх! – the truth is out there!

Сигурен сум дека забележувате колку сакам да ви се исповедам, да ја признам страшната тајна: мене целата таа Викиликс-приказна ме остава совршено рамнодушен (докторе, дали е тоа нормално?). Во ниту еден момент не чувствувам порив на љубопитност што би ме натерала да прекопувам по тие „депеши“, писма и пораки, во суштина да чепкам по тој глобален трач, да „шуркам“ по тие општи места, или повеќе-помалку да трагам низ веќе откриени содржини. Добро, сепак малку чепкав на интернет по тие вики-документи, ама како изминуваше времето, толку повеќе јакнеше чувството дека сето тоа заедно не вреди ни гриз од гнила слива заглавена во свежо употребена ВЦ-школка со неисправно казанче. Ако, хм, ви бев доволно јасен.

Веднаш да се разбереме, не е тема на овој текст ниту Викиликс ниту неговите „пациенти“ што ги полнат страниците на весниците. Ниту се работи за „мамоарите“ (слушај, мемоари!) на Стојан Андов. Сите нив некаде ги чеша, па се чешаат. Тоа што мене одново-и-одново ме интересира е „публиката“: неброени милиони луѓе веруваат дека сè она што околу нив се случува е ништо друго освен привид, а демек во „вистинската реалност“ се случува нешто друго, ама некои страшно злобни луѓе, кои притоа се многу моќни и страшно поврзани меѓу себе, нè спречуваат нас, обичните и поштени човечиња, да дојдеме до тие вистини. Кој и зошто го убил Џон Кенеди, или кој и зошто го убил Улоф Палме, Борис Трајковски, Ана Линд, кој му пукна бомба на Киро Глигоров – Фрчкоски? (Столе, апчињата редовно да си ги пиеш!)

Така е како што изгледа

Никогаш нема да ги разбереме. Се подразбира дека официјалните верзии на кое било случување или историски процес се тука само за да се сомневаме и да нè дезориентираат нас, честитите „граѓани“, без разлика колку „на прва“ би биле „аргументирано“ поткрепени. Груевски беше „амерички човек“, а најјакиот доказ за тоа е општоприфатениот идиотизам од заулавената апсурдност. А Тито – кој ли беше тоа? Знаеме само дека не беше син на Фрањо од Кумровец и Марија од Купеница (?), затоа што таа вистина (премногу) ни е банална: многу подобро ќе звучи, што знам, ако се каже дека беше руски оперативец со лажирано минато, а може и беше Марсовец инфилтриран меѓу земјаните за да воведе „самоуправен социјализам“.

Знаете, јас не сум „истражувачки новинар“ (додуша, никој не е; тоа е само една тривијална и досадна занаетчиска автомистификација, ама оваа индискреција јас не сум ви ја дојавил, океј!?), ама бидејќи пишувам за дневен весник и познавам секаков свет, „обичните“ луѓе од моето опкружување живеат во цврсто убедување дека јас знам што „навистина“ се случува во оваа земја и каков е оној човек што во оваа земја е влијателен и моќен. Ама, ете, баксуз сум, па не сакам да им кажам. Дури се обидував да ги демонтирам тие желби преполни со суеверие, ама тешко ми одеше. Многу повеќе ќе ми веруваат ако им кажам дека Заев е всушност Кинез висок околу четири метри, зборува со естонски нагласок и се движи како да е функционер на министерство за „шашави магии“, отколку да им кажам дека сето мое искуство, животно и професионално, ме научи само тоа дека работите, личностите и појавите, во огроооооооомен број случаи, се онакви какви што изгледаат, па било тоа добро или лошо. И дека Големата тајна најчесто не постои, баш како што не постојат ниту заговори, тајни друштва, семоќни служби што контролираат кој во кое време ќе прдне, кога некој ќе стврдне и сè во тој стил. Луѓето, имено, повеќе сакаат луди мистификации отколку банални вистини.

А каква врска имаат сега глобалниот Викиликс и локалните мемоари на Стојан Андов? О, има, и тоа како: сето тоа е исто, само што Викиликс е глобално ниво, па самото тоа создава и некакво гламурозно ниво. Во време на глобализација и паланката (на Стопанот Андов!) се универзализира.