Среќна и праведна 2019 година!

Пријатели, секој од вас нека се потруди да направи нешто добро за другите. Јас сум убеден дека секој од нас има можност да стори такво нешто. Само треба да се потрудиме да го доживееме концептот на социјална одговорност. А тоа значи да сфатиме дека попусто ни се личните богатства и комфорот, ако таа благосостојба завршува на портата на нашиот дом (па нека е и цитадела), ако живееме во урбан хаос, ако дишеме воздух што нѐ убива, ако јадеме храна што нѐ труе, ако на улица се разминуваме со несреќни луѓе со убиени насмевки и ако секој ден нѐ има сѐ помалку и помалку.

892

Исти луѓе ќе бидеме ние и следната година, дами и господо другарки и другари. И добри и лоши. И паметни и глупави. И алтруисти и себични. И нема да станеме подостоинствени, похрабри и помалку субмисивни, помалку злобни и дволични, поодговорни. Нема, бидејќи за да ги надминеме самонаметнатите ограничувања, нам ни недостасуваат чувство на самопочит и смисла за општественост.

Тој хроничен дефицит е клучна одлика на нашиот ропски менталитет, кој тешко се менува. Дури и сега кога сме самостојни, релативно слободни и на прагот на историската шанса да станеме дел од друштвото на најпросперитетните нации во Европа и во светот. А и ако успееме да го пречекориме прагот – се надевам дека 2019 година имено за тоа ќе биде клучна и пресвртна – ние ќе си останеме истите. Да не очекуваме чуда.

Кој знае, можеби така и треба. На крајот на краиштата, дури и меѓу тие кои сега се дел од елитното друштво, има полоши, посебични, посубмисивни, позлобни и подволични од нас. Има секакви. И никој од нив не бара да се менуваат. И од нас не се бара да се менуваме себеси. Веќе две децении ние под притисок ги менуваме само референците по кои светот нѐ препознава и опишува (знамето, името, куќниот ред и слично). Инаку, светот го знае она што го знаеме и ние самите – дека со вакво зајре ваква манџа се прави.

И затоа е наивно во вакви прилики, кога јас, како некој што претставува медиуми на кои им верувате, би се обидел да артикулирам наши заеднички желби за новата година, чие остварување зависи не од околностите на нашата живеачка (околностите, понекогаш, за среќа, можат да се менуваат и без нас самите), туку од нашата спремност да бидеме поинакви. Да, тоа би било многу наивно. За жал, во годината што изминува, ние уште еднаш видовме дека нивото на таквата спремност е исклучително ниско, наспроти падот на режимот што го обвинувавме за сѐ и покрај доаѓањето на новата власт која ни вети „живот“, ама не ни кажа дека за некои ќе има многу повеќе и дека тие „некои“ пак ќе бидат „од нашата партија“ и „од нашата фамилија“. Ете, тие нешта, едноставно, не се менуваат.

Како и да е, најважното нешто што посакувам да ни се случи во годината што доаѓа е да си го сочуваме здравјето, да бидеме многу повесели и сите малку повеќе да се потрудиме да си ги оствариме нашите лични желби и желбите на нашите најблиски. Како што знаеме, најважната работа за да се случи тоа е да имаме малку повеќе среќа. И затоа јас на сите ви посакувам многу, навистина многу лична среќа. Не знам од каде доаѓа таа и кој ја дели, ама кој и да се нафатил на таа работа, го молам на нас барем следнава година да не штеди.

Бидејќи нѐ очекува година во која и Јустиција ќе има многу работа (ќе се тужиме, ќе се судиме, ќе се амнестираме, ќе се помируваме, чуда ќе правиме), посакувам да ни донесе вистинска правда. Таква што ќе значи совест и која ќе умее да го поттикне доброто кај луѓето. Тоа, реков веќе, нема да се случи ако зависи само од нас, бидејќи ние веќе покажавме дека немаме чувство за вистинска правда. Но, неопходноста од длабоки, системски резови во правосудниот систем (вклучувајќи тука и сериозни кадровски освежувања), можеби ќе нѐ придвижи во посакуваната насока.

За крај, имам и една лична порака до луѓето кои поседуваат економска и политичка моќ, или моќ да артикулираат јавно мислење. Пријатели, секој од вас нека се потруди да направи нешто добро за другите. Најмалку едно нешто. Ама нека биде нестандардно и големо. Едно нешто по што ќе останете запаметени и поради што лично ќе се чувствувате гордо. Тоа е едно прекрасно чувство, што тешко може да се опише.

Јас сум убеден дека секој од нас има можност да стори такво нешто. Само треба да се потрудиме да го доживееме концептот на социјална одговорност. А тоа значи да сфатиме дека попусто ни се личните богатства и комфорот, ако таа благосостојба завршува на портата на нашиот дом (па нека е и цитадела), ако живееме во урбан хаос, ако дишеме воздух што нѐ убива, ако јадеме храна што нѐ труе, ако на улица се разминуваме со несреќни луѓе со убиени насмевки и ако секој ден нѐ има сѐ помалку и помалку.

Сѐ помалку и од ваквите никакви какви што сме, а пак си се сакаме. И треба да се сакаме…