Колумни

Срамна сурија

Љубомир Фрчкоски

Двестоте од Термопилите-под-Мариово сега се мобилизираат во еден посебен паничен момент – на тоа држење на Македонија како заложник на изолацијата, на Македонија „во дупка“ и на Македонецот „кој не-може“, може да му се види крајот!

Треба да исчекориме во слободата која за нас е досеглива сега и тука. Сега треба граѓанска интелигенција да ги одигра потезите на одговорно лидерство за можната еманципаторска излезна политика да се оствари. Каков е тој ум што не може и не сака да го види ова?

Љубомир Д. Фрчкоски

 

Писмото на 200 македонски интелектуалци за прекин на преговорите со Грција околу спорот за името или спорот произлезен од грчкиот проблем со нашето име, сеедно, е крик на оштетениот интелектуалец од гумното на нацијата жртва и нејзиниот национализам!

Тој и таков интелектуалец не може да мисли и да делува надвор од координатите на национализмот на нацијата-жртва, а тоа е главно паранојата на провинцискиот ум на конспирации и закани. Потката на тоа мислење се состои од наоѓање алиби зошто тој и неговата нација не можат, не се кадри, неспособни се и то. Не можат да бидат слободни, делотворни, еманципирани, со поглед напред и со самодоверба – бидејќи ги мразат соседите, ги оспоруваат соседите, ги отфрла и не ги разбира меѓународната заедница, малцинствата ги роварат одвнатре, либералните интелектуалци ги предаваат одвнатре. Или со речникот на оваа патетична сурија: на македонскиот народ му се подготвува и води (отсекогаш впрочем) духовен и физички геноцид од соседите… му се копа гробница однадвор и однатре.

Тоа е нивниот хоризонт на мобилизација и „творештво“ и отсекогаш таков бил. Со тој аноректичен интелектуален ангажман не можете да аргументирате бидејќи своите убедувања ги базираат на фантазии за конспирација, а со фантазии не можете да полемизирате (Конисберг). Идентитетот на Македонецот кој во своите фантазии го бранат е негативно определен: Македонецот е тој што се чувствува негиран, поделен, омразен и згазен, а од таа перспектива онемоќен и гневен. Тој не може бидејќи некој друг му оневозможува, но еве тој ќе крикнел и сите (ерга омнес) ќе дознаеле за неправдата кон него (јебао вас крик)! Од тој аспект тоа во основа е и здодевна сурија.

 

Предводници од никаде кон ништо

 

Но, двестоте од Термопилите-под-Мариово сега се мобилизираат во еден посебен паничен момент – на тоа држење на Македонија како заложник на изолацијата, на Македонија „во дупка“ и на Македонецот „кој не-може“, може да му се види крајот! Кога има геостратешка шанса да се излезе од таа дупка, секако, ако се сака, ако се мобилизира граѓанството во еманципаторската насока, ако за тоа се има критичка интелектуална мобилизација и човечки материјал секако. Двестоте во суријата се симбол на Македонија, која останува назад, како талог на дното од дупката во која толку долго, предолго нацијата битисуваше. Тие не се предводник кон никаде и кон ништо, тие се талог што останува. И тоа може да биде интелигенцијата секако – талог на нацијата.

Не е вредно труд и напор на овој профил на заробен ум да му објаснуваш дека националниот интерес на Македонија е единствено можно и впрочем најефикасно да се одбрани ако се има среќа и способност да може да се направи „плетенка“ со геостратешките интереси на крупните меѓународни актери на балканската и на европската сцена: она што го означуваме како стратешки партнери на Македонија! Дека националните интереси ќе ги загрозиме ако останеме сами и изолирани уште еден период во иднината! Дека на тој пат заедно со тие партнери треба да ги нормализираме односите со соседите и да ја симнеме постојаната алиби-ситуација за јаловоста на нашата интелигенција (дека некој постојано не блокира и затоа сме неспособни).

Треба да исчекориме во слободата, која за нас е моќна и досеглива сега и тука. За која сме создале услови за кои нашиот народ платил висока цена на одрекување и страдање и сега треба неговата граѓанска интелигенција да ги одигра потезите на одговорно предводење, на лидерство (храбро и паметно) за  со последните потези на можната еманципаторската излезна политика и евентуално да се оствари.

Каков е тој ум што не може и не сака да го види ова? Кои се тоа плачипич… аргументи од вучиќевски маштап во чокајлиева интерпретација: неќемо у ЕУ ако је услов признавање Косова, „нејќеме у ЕУ разнебитени, обезличени“ и сл. Кој хохштаплерај во лажење и фалсификување на позиции и факти е тоа? Го грабнале и го држат јорганот-алиби, кој ги покрива аноректичните интелектуални телца од можната слобода и соочување со тоа дека Македонецот може да биде слободен и неомразен можеби. Признат, а ненегиран можеби! Во тој нов момент во нашата историја ќе се соочиме конечно со тоа што можеме кога не сме оспорувани и негирани како алиби за откажување! Со тоа кои сме и што вредиме конечно сами за себе и со слободата во наши раце!

 

Драма на лажни појавности

 

Нормално е на некој начин што двестоте од Термопилите под Мариово – во моментот кога е можен пробив, се во панична мобилизација! Сега се бара прекин на преговорите и пад во тотална изолација, која ја оценуваат како доблест! Како гордост на пропаѓање – што со лакaновски речник би бил порив на смртта (death drive ) можно разнебитување – но гордо во нивните умови! Некои од нив се во карактеристична интелектуална какофонија (како што секогаш биле) па предлагаат поприфатливи имиња за државата (!?) што значи не се баш за прекин, туку за поприфатливи солуции за крајот на преговорите! Некои од нив предлагаат за излез други алијанси и стратешки сојузи (и јасни антиамерикански) антиевропски и анти-НАТО позиции ! Трети во таа срамна сурија предлагаат конечно во тој расплет раздружување и со Албанците бидејќи ова била Македонија на Македонците и сега е моментот на расчистувањето и на тоа прашање во котелот на кризата што ќе се појави по евентуалниот колапс на преговорите и изолација на земјата.

Дел од нив (а тие се посебно драматични) се нудат како жртва – ја антропоморфизираат заедницата и ситуацијата во која замислуваат дека е таа. Еден вели се родил во Македонија, а ќе умре демек во Не-Македонија! Поколенијата и предците (ахх…) им ја подале, завештале Македонија-мајка да ја чуваат, а тие сега рацете им треперат пред предавството што демне да го изгубат завештанието, да немаат на децата што да им остават!

Жртвата, како што знаете, драги мои, ја пополнува и закрпува (дупката) процепот меѓу светото и профаното, Божјото и она на заедницата – со процесијата на жртвувањето (бре! Бре!). Сето тоа дополнето со ритуалното присуство на старите погани глави на генетското мудросерство од МАНУ!

Со еден збор, драма на лажни појавности (drama of false appearances), симулакрум на интелектуален ангажман кој не можете за жал (demenatio memoriae) ниту да го прогоните од сеќавањето бидејќи се поредиле ете тука, токму се, толку се двестоте од Термопилите!

Имам некое мало задоволство од погледот кон нивните испотени чела, не е да немам! Во погледот кон нивните две меѓувеѓни брчки насобрани од грижа за идентитетот! Се сеќавам на зборовите на американскиот кантри-пеjач Вили Нелсон: кога некој е неуспешен во некоја работа доволно долго – исто така станува легенда!