Совеста е многу растеглива материја

Јас би рекол дека опасните странски влијанија, на кои така решително и храбро, меѓу редови, предупредуваше премудриот Ѓорге Иванов, даваат резултат. Сега ми е некако појасно дека, најверојатно, 20-те минути на Меркел со Мицкоски не биле залудно потрошени. Не дека успехот на сценариото е 100% загарантиран, но напори, еве, ќе се вложат.

470

Да се обидеме да појасниме што ѝ соопшти вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на македонската јавност на онаа речиси полноќна прес-конференција – во комитски стил, мора да падне мрак, за да се донесуваат историски одлуки, како да не може таа повеќемесечна драмолетка да се резимира цивилизирано, во пристојно, домаќинско време, во дванаесет на пладне, на пример!

Имено, ако ја прескокнеме целата патриотска патетика и вообичаениот здодевен бараж од обвинувања кон власта и на сметка на омразениот Заев (добро, де, и СДСМ тој дел не би го пропуштила на сметка на опозицијата и Мицкоски), суштината на вчерашната порака е следна: не што членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ добија официјално „зелено светло“ да решат самите („според сопствената совест“) што мислат да прават на референдумот, туку тоа право сега и официјално им е дадено на ПРАТЕНИЦИТЕ на опозицијата во Собранието!

Тоа е политичката суштина на одлуката на ВМРО-ДПМНЕ. (Друго прашање е дали и самиот Мицкоски ова го разбира?)

На тој начин, се обезбедуваат неколку работи: прво, партијата веќе од полноќ да не се распадне од внатре, со кавги во раководството и јавни фракциски објави за тоа што треба да се прави по повод референдумот; второ, популистиве „да ѝ се поклонат“ на одлуката на „народот“ на успешниот (консултативен) исход од референдумот; и, трето, најважно, да се зачува позицијата за пазарење во Собранието кога ќе дојде ред да се гласа промената на Уставот. Бидејќи, ако на партиските членови и симпатизери им се овозможи правото да ја консултираат сопствената совест, тоа секако ќе може да го искористат и барем грст пратеници од ВМРО-ДПМНЕ чии гласови ќе недостасуваат за финалната собраниска егзекуција на Договорот од Преспа.

Затоа би било упатно – ако си немате попаметна работа – да се следат неколку можни „пазарџиски“ правци. На пример, дали и кому ќе му биде вратен пасошот, а кој ќе биде прибран во Идризово во наредните денови и недели (а може и по референдумот, но секако пред важните собраниски заседанија што ќе следат потоа)? (Да не бидам погрешно сфатен: за Гордана, Миле или за Чавков секако никој нема да се пазари!) Или: Кој од пратениците на ДПМНЕ во Собранието ќе има „најбрзи прсти“, уште сега да почне да флертува со СДСМ за цената на својата „одлука според совеста“? Или: Кои „патриотски“ кругови во јавноста ќе продолжат да се глупираат со повици за бојкот, а кои ќе ја сфатат оваа игра на неформалното раководство на опозицијата, за да почнат соодветно да ги прилагодуваат своите ставови… Итн.

Јас би рекол дека опасните странски влијанија, на кои така решително и храбро, меѓу редови, предупредуваше премудриот Ѓорге Иванов, даваат резултат. Сега ми е некако појасно дека, најверојатно, 20-те минути на Меркел со Мицкоски не биле залудно потрошени. Не дека успехот на сценариото е 100% загарантиран, но напори, еве, ќе се вложат.

Ете, така, сега можеме во мирна атмосфера да го дочекаме референдумското изјаснување. Македонија заслужено ќе се најде во двата најелитни светски меѓународни клуба – ЕУ и НАТО – иако за тоа ќе треба уште нешто вода да протече низ валканиот Вардар.