Смртоносна доза од нормативен контаминат

216
Фото Слободен печат

Чистењето на контаминираните закони од вмровската космичка глупост – а тоа не се само неколкуте од правосудниот систем, туку уште стотини други! – треба да е највисоко во агендата на нашата општествена рехабилитација.

Пишува Мирослав Грчев

Во одбраната и заштитата на човечките животи од смртоносното дејство на разни радиоактивни, јонизирачки, хемиски и други контаминации, е сторено многу: не толку колку што е вложено во развојот на контаминатите, но денес постојат цели научни дисциплини што ги открија и измерија сите штетни и смртоносни видови на контаминација. Три параметри се клучни за оценка на штетноста на контаминацијата: нејзиниот вид, применото количество и времето на изложеноста. Науката утврдила дека во ѓаволската работа со контаминацијата, важна улога во крајниот ефект на труењето игра и поделбата на директна надворешна контаминација и на внатрешна контаминација, односно разорното влијание на контаминатот што веќе се наоѓа во организмот.

Денес постои огромен број стандарди и закони што прецизно ги одредуваат граничните дози на штетните зрачења и материи. Но, ако побарате троа ум и искуство за најштетната од сите контаминации, онаа од која настрадало и сè уште страда најголем број луѓе на планетава – мерено буквално во милијарди – а тоа е културната контаминација, е, за неа нема да најдете ниту збор рационална стручна литература.

Културен Чернобил

Меѓутоа, недостатокот не само на стручното знаење за штетните последици од културната контаминација или за смртоносните дози од зрачењето на радиоактивното културно ѓубре, туку и отсуството на свеста дека воопшто сме изложени на опасност, нас – преживеаните од најголемата културна катастрофа наречена ВМРО – може да нè чини многу повеќе одколку што сакаме да поверуваме. Зашто, не смееме да заборавиме дека за културната контаминација важи истото како и за другите смртоносни радиоактивни супстанци: несвеста за опасноста го продолжува времето на изложеност, а со тоа се зголемува и примената доза, што, на крајот почнува да работи и однатре – низ огромната количина кретенски информации, текстови и говор, учебници и закони, безумни споменици и одвратни градби, што веќе пенетрирале во нашата свест.

Нема шега, почитувани читатели: нека не ве залажува падот на вмровскиот режим и прекинот на децениското производство и дисеминација на културоцидна материја! Планината отровни културни лајна што ни ги остави ВМРО – спомениците и зградите се само нејзиниот видлив врв! – е сè уште тука, меѓу нас и во нас, а нашата несвест и неподготвеност, двоумење и неволност да го сринеме и евакуираме од нашата стварност тој културен Чернобил, само го продолжува времето на нашата изложеност на контаминацијата, ја кумулира примената доза во нашите веќе сунѓерести мозоци и ја зголемува шансата за летален крај на македонскиот културен проект.

А, огромната планина културни лајна, во голема мера се состои од нормативна материја, од илјадници отровно глупи и штетни закони, прописи, правилници и уредби – што не само што го диктираа животот минатата деценија, туку се сè уште на сила! Најморбидниот аспект на ова труење е што општеството веќе ја „голтнало“ смртоносната доза: законите ги прифативме, ги живееме и ги сметаме за нормалност, а најироничното е што уште и се гордееме што сега ги почитуваме и ги браниме тие отровни норми повеќе и од нивните инспиратори и творци. Во овој нормативен контаминат е навистина отелотворен Орвеловиот тоталитаристички апсурд од неговата „1984“: овие закони се беззаконие, правдата во нив е злостор, а наместо логиката и разумот, во нив владее ирационална глупост или тапа разбојничка ароганција.

Со примери за ова мое хиперболично тврдење можам да исполнам 26 тома собрани дела нормативен контаминат, но еве, симболично, да почнам со Законот за концесии, еден исклучително важен закон чијшто предмет би морало да биде заштита на јавниот интерес и општите добра што се даваат на концесија.

Општествена рехабилитација

Еве како законот го објаснува својот предмет на заштита во членот 1: „Со овој закон се уредува доделувањето на концесија на добра од општ интерес (…), правната заштита за секое лице кое има или имало интерес за добивање на таков договор и кое ризикувало или ризикува да биде оштетено во постапката за доделување на таков договор, како и други прашања во врска со концесиите на добра од општ интерес (…)“. И, толку: наместо општото добро, законот ги штити од ризик само лицата што нашите општи добра треба да ги добијат на концесија! Но, дека смртта секогаш – парадоксално – има и смешна страна, се гледа подолу, во членот 4. каде се дефинираат поимите во законот: „Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење: “и, во точката 4 се објаснува клучниот поим во законот: „Јавно приватно партнерство“ има значење како што понатаму е опишано во овој закон“!?! Хахаха, генијално!

Примерот, почитувани читатели, случајно го „собрав“ на помин, не наведнувајќи се ниту да ја чепнам карпата по која одиме – таа масивна стврдната нормативна магма што вмровската малоумна легислативна дијареа ни ја натрупа за оваа мрачна декада. Зборот ми е: секоја секунда што живееме озрачени од ова штетно законодавство ја зголемува количината на културниот отров во нашите организми. Затоа, чистењето на контаминираните закони од вмровската космичка глупост – а тоа не се само неколкуте закони од правосудниот систем, туку уште неколку стотини други! – треба да е највисоко во агендата на нашата општествена рехабилитација. Времето не ги лечи раните на оние што се изложени на контаминација – туку само ја зголемува веројатноста дека ќе ја достасаат својата смртоносна доза!