СЛОБОДЕН УДАР: Упад во Собранието на ФФМ

Поставување СДСМ-овска наместо ВМРО-вска инсталација во ФФМ би било само продолжување на веќе „дежа ви“ тажната приказна

Се сеќавате како изгледаше примопредавањето на власта во македонското Собрание? Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со сите средства се обидуваа да ги блокираат процесите кои нужно требаше да ја сменат македонската реалност. Под наводниот превез на борба за демократија се криеше обидот да се спаси кожата на поранешните партиски челници против кои се водат судски постапки. Слично е однесувањето и во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), откако претседателот Илчо Ѓорѓиоски поднесе оставка.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е обезглавена речиси пет месеци откако претходниот претседател Илчо Ѓорѓиоски поднесе оставка на функцијата. Во меѓувреме, администрацијата на ФФМ која очигледно е сѐ уште под контрола на довчерашниот фудбалски лидер, правеше сѐ да ги искомпликува работите. По сите перипетии, сега е сосема извесно дека во пропишаниот рок од шест месеци за избор на нов претседател, македонскиот фудбал нема да добие нов предводник.

Одолговлекувањето на детронизацијата на Ѓорѓиоски од ФФМ се конкретизираше преку намерно промашената изборна постапка. Тоа беше и последен обид работите да се променат, а практично ништо да не се смени. ФФМ уште летоска распиша избори, прими пријави на четворица кандидати, закажа Изборно собрание на 1 септември, а на крајот ги поплука сите свои одлуки и отпочна нов изборен процес. Иако абдицира од престолот, сенката на „првообвинетиот“ од страна на фудбалската опозиција, Ѓорѓиоски, сѐ уште е надвисната над македонскиот фудбал и се чувствува преку одлуките на членовите на Управниот одбор (УО) на ФФМ.

На вчерашното Собрание на ФФМ беа усвоени измените и дополнувања на Статутот „во насока за доставување на кандидати и избор на претседател“. Ваквиот исход уследи по скандалозниот претходен обид Ѓорѓиоски својот наследник практично „сам да го избере“ од редот на послушници во актуелниот состав на Собранието. Тоа му го овозможи членот 91, кој предвидуваше претседателските кандидати да бидат само од составот на делегатите на Собранието. Или од истите 96-мина кои без приговор, како првачиња креваа рака на секоја одлука на соученикот на некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

И последните промени на Статутот говорат во прилог на елиминација на потенцијални противкандидати на идниот претседател кој треба да биде по вкусот на Ѓорѓиоски. Ограничувањето на возраста на 65 години како еден од критериумите се поврзува со поранешниот прв човек на ФФМ, Харалампие Хаџиристески, кој ја надминува оваа граница, а еднаш веќе му беше одбиена кандидатурата. Тогаш не го исполнуваше условот од членот 91 во Статутот. Последново Собрание беше наводно со цел да се демократизира изборот на фудбалски лидер, но формата за „тивка елиминација“ е одбрана преку критериумот кандидатите да биле активни во органите на ФФМ во последните 4 години. Со оваа измена, на пример, се елиминира и Горан Пандев, кој јавно ги искажа своите амбиции да седне во фотелјата во Куќата на фудбалот во Ново Лисиче.

Пандев изјави дека има желба да ја води ФФМ, но веројатно нема да се кандидира ако ги процени своите шанси како скромни. Наспроти фудбалскиот габарит на кандидатите, во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката“ на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, т.н. јагнешки бригади по селски кафеани, партиски и притисоци на локалните моќници… Иако јавноста смета дека најдобриот стрелец во историјата на македонската репрезентација би требало да биде избран со акламација, на терен секако ќе се прават и други математики. Сосема друго прашање за анализа е дали Пандев е и вистинскиот човек за прв менаџер на македонскиот фудбал, зашто зад себе нема никакво менаџерско искуство.

Од идниот претседател очекувам да расчисти со фудбалскиот грабеж во најбогатата спортска федерација, да направи скен на реалниот потенцијал во клубови, играчи, инфраструктура, тренери, судии, фудбалски школи, а потоа да се распишат општински избори, неоптоварени од политика. На ФФМ му е неопходен и сериозен попис на терен колку општински сојузи треба да егзистираат врз база на вистински критериуми. Тоа ќе го намали бројот на делегатите во Собранието. Носителите на тој процес треба да бидат клубовите, ослободени од притисоците на општините кои станаа единствените акционери во прволигашите, по промашената божем приватизација на елитниот македонски спорт, спроведена од ВМРО-ДПМНЕ. Белки ФФМ ги прележа детските болести за задоволување на фудбалските страсти на нереализирани политичари, партиски олигарси и миленици на премиерите.

Во духот на времето во кое живееме, и во македонскиот фудбал има барања за предвремени избори и промена на „уставот“ (Статутот на ФФМ). За таа промена не се бара двотретинско мнозинство во Собранието на ФФМ, но ќе има потреба од големо прочистување и на „избирачкиот список“ од партиско влијание.

Вистинската чистка во ФФМ нема да се случи одвнатре. Повеќе верувам дека органите на прогонот можат да го сторат тоа, откако се шпекулира дека во ФФМ влегла финансиска полиција. Можеби расплетот ќе биде таков трансферот на власта да се случи без кревање прав, со цел симнувањето на вмровската врхушка во македонскиот фудбал да мине што побезболно. Но, поставување СДСМ-овска наместо ВМРО-вска инсталација би било само продолжување на „дежа ви“ тажната приказна.